Људмил Кљусев, син на првиот премиер на независна Македонија, Никола Кљусев, призна дека е виновен за нелегална дистрибуција на наркотици и за вршење на измама со здравствена заштита пред Окружниот суд во Хартфорд, соопштија за агенцијата „Мета“ од Министерството за правда на САД.
Психијатарот Кљусев се изјаснил за виновен дека имал намера да дистрибуира наркотици, што носи максимална казна затвор од 20 години и за измама со здравствена заштита за што е предвидена максимална казна затвор од 10 години. Тој се наоѓа во притвор откако беше уапсен на 12 ноември 2015 година.
Страните се согласиле дека соодветната казна затвор во овој случај е помеѓу две и пол и шест пол години. Кљусев се согласил да му ја одземат ординацијата. Од неговата канцеларија на денот на апсењето биле запленети 173.095 илјади долари. Тој, исто така, се согласил да се откаже од дополнителни 117.431 долари кои биле на неговата службена сметка, и да плати надомест во износ од 76.983 долари.
Според судските документи и изјави дадени во суд, Кљусев, кој имал психијатриска установа во Милфорд, ги препишувал лековите „адерал“ и „занекс“ на пациенти кои за рецептите плаќале во готово.
„Истрагата, која вклучува доверливи сведоци и полицаец на тајна задача кој се претставувал како пациент, откри дека Кљусев ги препишувал лековите без целосен медицински преглед на пациентите, препишувал рецепти без потврда на состојбата која бара медицински третман со овие лекови и издавал рецепти во замена за пари на пациенти кои покажувале злоупотреба на дроги и зависничко однесување. Тој исто така им наредувал на вработени да потпишуваат рецепти од него, кога тој бил надвор од земјата. Во 2014 и 2015 година, Кљусев незаконски фактурирал приватни здравствени осигурителни компании на околу 76.983 долари за извршени медицински услуги кога тој бил надвор од земјата“, се вели во соопштението од Министерството за правда на САД.
Изрекување на пресудата е закажано на 22 февруари следната година.
Во октомври 2013 година, пациентка поднесе тужба за сексуален напад против Људмил Кљусев. Еден месец претходно, Кљусев беше опоменат и казнет со 15.000 долари од Државниот медицински одбор за испраќање непристојни пораки на пациентка. Во 2009 година, Одборот прими жалба од пациентка на Кљусев, која кажа дека кога влегла кај него на преглед, канцеларијата била полна со запалени свеќи, а тоа држел пиво во една рака и пура во другата.