Народна банка по половина година го објави податокот за блокирани сметки на граѓаните и фирмите. 76.504 граѓани имале блокирани сметки на крајот на септември. Ним им биле блокирани 179.250 трансакциски сметки. Кај правните лица според податоците, од 120.300 депоненти, на 36.108 им се блокирани сметките.
Претходно во март, излегоа последните податоци за блокирани сметки. Тогаш 77.035 физички лица имале блокирани сметки и 43.498 фирми. Задоцнувањето на податоците Централната банка го образложи со методолошки промени кај платежната статистика.
Народна банка објаснува дека “блокирани депоненти се физички или правни лица, кои имаат отворено трансакциска сметка кај обезбедувачот на платежната услуга, за кои има евидентирано неизвршено решение за присилна наплата. Со блокирањето на сметката од страна на обезбедувачот на платежната услуга, со примена на даночниот број на должникот и неговото доставување преку единствениот регистар на трансакциски сметки до сите обезбедувачи на платежни услуги каде што депонентот има сметка или сметки, се врши блокирање на сите сметки на депонентот, коишто се водат под истиот даночен број”.
Со новиот Закон за извршување, од први јануари 2017, нема да има блокада на сметки без предупредување. Извршителот треба да го информира должникот оти има долг, а должникот добива три дена за да го подмири. Ако тоа не го стори, дури потоа смее да му биде блокирана сметката.