Локалитетот „Стакина чешма“ кај Валандово крие огромни мозаици изработени во доцноримскиот период. Станува збор за мозаични подови од луксузна палата од крајот на третиот и почетокот на четвртиот век и се претпоставува дека околу неа има комплекс од луксузни градби. Досега археолозите на Стакина чешма пронајдоа 10-тина простории со околу 360 квадратни метри подни мозаици изработени во врвна техника. Таму деновиве екипата предводена археологот Радомир Ивановиќ пронајдоа и остатоци од фонтана што во други градби од тој период не се пронајдени.
„Оваа година ја имаме фонтаната што досега во земјава не е откриена од овој период, а камоли во луксузна палата како што сметаме. Локалитет се истражува над 30 години и во сите простории пронајдовме огромни мозаични подови кои се одлично сочувани низ текот на времето. Станува збор на мозаици кои се вистински ремек-дело за тоа време, па би рекол и сега. Претпоставуваме дека овој објект се простира на околу 600-700 квадратни метри, но заради приватен имот не сме во состојба да ги продолжиме истражувањата. Целиот комплекс укажува дека овде живееле угледни луѓе од доцноримскиот период“, ни изјави Ивановиќ.
Истражениот дел од Стакина чешма низ годините е повторно потрупан со земја. Ивановиќ смета дека државата треба да размисли за конзервација на овој локалитет за да може мозаиците да бидат презентирани пред пошироката јавност а со тоа и да се развие културниот туризам во Валандово. Како што кажа, треба да се размислува конечно во таа насока бидејки археолошките работи на Стакина чешма почнале од 1987 година, но ретко кој знае дека овде има одлични мозаици.
„Она што треба да се случи е конзервација и да се стави кровна конструкција на целиот локалитет и истиот да се стави во културната понуда на општина Валандово. Локалитетот е во самиот град нема и потреба од качување по ридови . Истиот е одличен потенцијал за општината и кога доаѓаат гости и посетители во овој град.. Во Србија ваквите локалитети одлично се искористени за локалниот економски развој“, вели Ивановиќ.
Според археолозите реонот во Валандово во доцниот трет или раниот четврти век бил комплекс со луксузни градби кои биле напуштени по првите воени дејствија во четвртиот век.
В. ТРАЈКОВ