Кривичниот совет при Основниот суд Скопје 1 повторно одби да издаде наредбa за пребарување на компјутерските системи кај телекомуникацискиот оператор и овојпат користејќи го истото образложение за наводно нејасно и непрецизно барање како судијата на претходна постапка минатата недела, соопшти СЈО.
На Кривичниот совет, составен од претседателот на Судот Владимир Панчевски и судиите Дијана Груевска Илиевска и Љубинка Башевска, како што велат од СЈО, му е нејасно како СЈО ја утврдило локацијата на серверите. Според соопштението на СЈО, од Судот тврдат дека уредите за кои е побаран претресот се сервери кои се преносливи, односно се уреди кои можат да ја променат својата моментална локација, без да каже на кои докази го базира ваквото становиште.
СУДОТ НЕ ЈА ЗНАЕЛ АДРЕСАТА НА ТЕЛЕКОМУНИКАЦИСКИОТ ОПЕРАТОР ЗА ДА ИЗДАДЕ НАРЕДБА ЗА ПРЕТРЕС
„За Судот е нејасно како ова Jавно обвинителство ја утврдило локацијата на серверите, иако во јавноста веќе беше објавено дека ваквите податоци се обезбедени токму од телекомуникацискиот оператор. Во оваа насока сакаме да истакнеме дека Судот тврди дека уредите за кои е побаран претресот „се сервери кои се преносливи, односно се уреди кои можат да ја променат својата моментална локација“, без да каже на кои докази го базира ваквото становиште. Потсетуваме дека претходната наредба за пребарување на компјутерски системи беше одбиена токму поради нејзина наводна непрецизност околу локацијата на серверите на кои е потребно да се изврши претрес, па нејасно е зошто Судот го менува ставот околу потребата од дефинирање на локацијата каде се наоѓаат серверите“, соопшти СЈО.
Kривичниот совет во ист состав ја одбил како неоснована и жалбата изјавена против решението на судијата за претходна постапка Елена Јосифовиќ со кое беше одбиено нашето барање за одземање на компјутери од Управата за безбедност и контраразузнавање.
СЈО потсетува дека речиси без исклучок се одбиваат барањата кои ова Јавно обвинителство ги упатува, а по кои постапуваат споменатите судии.