Тројца малолетници се уапсени, а еден малолетник и уште две лица се донесени со повреди во болница за време на синоќешниот концертот по повод 20-годишнината од формирањето на ДУИ на плоштадот Скендербег во Скопје.
Како што соопшти МВР, синоќа во Полициската станица Бит Пазар биле приведени три малолетни лица, од кои двајца од Арачиново на возраст од 15 и 16 години и едно лице на возраст од 17 години од Скопје, од кои биле одземени два ножа.
„Тројцата на плоштадот Скендербег во Скопје околу 23.00 часот, каде се одржувал јавен собир организиран од политичката партија, пред завршување на настанот, го нарушиле јавниот ред и мир со физичката пресметка со друга група на лица, а биле употребени и остри предмети, соопшти МВР.
Во Универзитетската клиника за хируршки билести „Свети Наум Охридски“ биле донесени со повреди од остар предмет 15-годишник од Арачиново, 20-годишник од Танушевци и 20-годишник од Брест.
Централната прослава на 20-годишнината од формирањето на ДУИ ќе се одржи вечерва на градскиот плоштад во Тетово со голем концерт на кој ќе настапат повеќе естрадни уметници од земјава и од соседството.
Албанските опозициони партии изминативе два дена ја критикуваа владејачката ДУИ дека троши огромна сума пари за прославата, според непотврдени шпекулации околу 100.000 евра, велејќи дека тоа е само непотребно расфрлање со пари во време кога народот се наоѓа во голема економска криза.
Партијата не објави колку ќе чинат прославите, а лидерот Али Ахмети вчера кажа дека ги жали опозициските партии кои „плачеле“ колку пари ДУИ троши за прославата на роденденот.
„Денес е роденден на сите Албанци кои државата ја чувствуваат како своја држава, а не како ќираџии како што беа до 2001 година и навистина, навистина ви кажувам, кога слушам како опозициските партии леат крокодилски солзи дека толку многу трошиме за овој роденден на ДУИ, ми е жал за нив“, рече Ахмети на панел дискусија „Родовата интеграција во последните 20 години“, која беше дел од роденденските партиски активности.