Претседателот на собраниската Комисија за европски прашања Арбр Адеми од ДУИ попладнево доби расекотина на раката откако настана турканица и викање на комисиската расправа за законските измени со кои на судиите кои наскоро треба да се пензионираат, треба да им се продолжи работниот век, до изборот на нови.
До инцидентот дојде кога пратениците од ВМРО-ДПМНЕ противејќи се на законските измени, го заобиколија пултот на Адеми кој раководи со седницата. До тоа, пак, дојде откако и по два часа задоволување на барањата за процедурални приговори, Адеми реши да го стави дневниот ред на гласање.
Во еден момент пратениците од ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски и Дафина Стојаноска, почнаа да му го корнат микрофонот на Адеми. Во тој напад со предмет од пултот расечена е неговата рака. Во тензична атмосфера, како што се гледа од видеа снимени со мобилен телефон се гледа како Адеми им вика на пратениците и нервозно фрла филџан и замавнува со тацна кон нив.
Нема официјално соопштение за настанот и дали ќе има одговорност за нападот и повредувањето на Арбр Адеми, ниту дали седницата ќе продолжи.