Компанијата „Алкалоид“ отвори нов магацин за фармацевтски суровини и за примарна амбалажа, соопшти компанијата.
Изградбата траеше 15 месеци, а овој проект е дел од дваесетгодишниот инвестициски план за развој на ПЦ Фармација, кој се реализира со интензивно темпо и во услови на криза. Оваа најнова инвестиција на компанијата чини 1,3 милиони евра.
Магацински простор претставува современо и безбедно складишно решение, изведено согласност препораките за добра производствена пракса за магацинско работење, со законските прописи за чување фармацевтски производи и со фармацевтскиот систем за квалитет. Новиот објект се простира на површина од вкупно 1.620 метри квадратни и опфаќа: магацински простор за фармацевтски суровини, подрумски простории опремени со специјални ладилни соби наменети за суровини за кои се неопходни посебни услови за чување, температура и влага; административни простории и технички кат.
За потребите на овој објект, изградена е нова пристапна рампа за камиони, а проектирани и изградени се нови внатрешни сообраќајници, целосно приспособени за непречена и за безбедна комуникација на новиот магацин со производствените објекти.
„Со реализацијата на оваа инвестиција во ПЦ Фармација, целосно е осигурено најсовремено управување со суровините и производите и безбедна логистика на процесите – од прием на фармацевтските суровини до испорака на лековите до веледрогериите и до крајните корисници. Магацинот располага со вкупно 800 палетни места за суровини, опремен е со најсовремен систем за климатизација, ладилни комори, системи за гасење пожар, како и со машини за хоризонтален и за вертикален транспорт“, велат од „Алкалоид“.