Советот за етика во медиумите (СЕММ) денеска, преку видео-обраќање на Фејсбук, ги соопшти наградите за најдобрите новинарски стории за инклузивно известување за различностите и предизвиците. Конкурсот е всушност на СЕММ и на Канцеларијата на ОБСЕ во Република Северна Македонија, а целта е да се мотивираат медиумите и општеството да овозможат гласот на маргинализираните и воопшто на немнозинските групи во државата, да се чуе гласно во јавноста.
Првата награда ја освоија Ана Цветковска, Борис Куноски и Ангела Рајчевска, од редакцијата на МИА, за сторијата на тема „Децата упатени во воспитно-поправен дом лишени од задолжителното образование“.
Втората награда ја oсвои Соња Колевска-Делевска, од редакцијата на „Сакам да кажам“, за сторијата на тема „Државата им го зема додатокот на учениците со попреченост од 5.000 денари и ги дискриминира тие што се од рурална средина.
- ДРЖАВАТА ИМ ГО ЗЕМА ДОДАТОКОТ НА УЧЕНИЦИТЕ СО ПОПРЕЧЕНОСТ ОД 5.000 ДЕНАРИ И ГИ ДИСКРИМИНИРА ТИЕ ШТО СЕ ОД РУРАЛНА СРЕДИНА
- ВРАТЕН ДОДАТОКОТ ОД 5.000 ДЕНАРИ ЗА ДЕЦАТА СО ПРЕЧКИ ОД СЕЛАТА КОИ СЕ ВО БЕСПЛАТЕН ИНТЕРНАТ
Третата награда ја добива Сенат Зулбеари, за сторијата „Не ја сакаат во класот бидејќи е со Даунов синдром, родителите на Амбла сакаат таа да учи со врсниците“.
Освен награди за најдобрите стории, жирито одлучи да додели и една пофалница за сторијата на новинарката Ана Зафирова, со наслов: „Маските се пречка во светот на глувите и наглувите“, објавена на Самопрашај.мк
„Ги повикуваме сите медиумски професионалци да станат сојузници при бранењето на човековите права, спречувањето понатамошна стигматизација, ставањето крај на ширењето дезинформации, разбивањето на гласините и стереотипите и охрабрувањето квалитетно и објективно известување за различноста“, рече шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Клеменс Која.
„Известувањето за маргинализираните лица во општеството подразбира да им се даде глас во медиумското известување, а на овој начин ги охрабруваме медиумите да известуваат за различни аспекти со кои се соочуваат ранливите групи во општеството“, рече Лилјана Пецова-Илиеска, извршна директорка на СЕММ.
На овогодинешниот конкурс се пријавиле вкупно 40 новинарски стории од 30 различни автори/редакции.
Наградите се доделуваат со поддршка од Мисијата на ОБСЕ во Скопје.