ДРЖАВАТА ИМ ГО ЗЕМА ДОДАТОКОТ НА УЧЕНИЦИТЕ СО ПОПРЕЧЕНОСТ ОД 5.000 ДЕНАРИ И ГИ ДИСКРИМИНИРА ТИЕ ШТО СЕ ОД РУРАЛНА СРЕДИНА

ДРЖАВАТА ИМ ГО ЗЕМА ДОДАТОКОТ НА УЧЕНИЦИТЕ СО ПОПРЕЧЕНОСТ ОД 5.000 ДЕНАРИ И ГИ ДИСКРИМИНИРА ТИЕ ШТО СЕ ОД РУРАЛНА СРЕДИНАПоради непромислена подзаконска одредба, голем број родители на деца со попреченост, кои живеат надвор од местото каде се образуваат нивните деца, не дозволуваат нивните деца да посетуваат настава во посебните училишта, кои имаат интернатско сместување. - Средношколец со интелектуална попреченост на настава во Скопје (Фото: СДК.МК)

На над 100-тина деца со пречки во интелектуалниот и физичкиот развој од руралните средини, државата им го зема детскиот додаток оној момент кога поради оддалеченоста од специјалните училишта, се вселуваат во интернат.

Тие 5.000 денари што ги земаат нивните родители како посебен додаток, државата им ги зема, ги пренасочува автоматски на сметките на интернатите каде што престојуваат. Им ги враќа само на лето, на трите месеци распуст, а потоа пак им ги дава на интернатите од септември.

Со тоа, додека за сите редовни ученици во Македонија интернатското сместување е бесплатно, овие дискриминирани деца – плаќаат со посебниот додаток што им следува.

И ова со години им се случува само на децата со попреченост од селата и од населбите кои се далеку од специјалните училишта. Нивните врсници од градските средини, чии родители или асистенти секој ден ги носат и ги земаат од училиште, детскиот додаток го примаат целата година.

Професори од Државното училиште за рехабилитација на деца и младинци „Димитар Влахов“ и повеќе родители од руралните средини на кои им се прекинува посебниот додаток додека децата им престојуваат во интернат, на петти јули до Народниот правобранител поднеле претставка за дискриминација по повеќе основи.

Заменикот-народен правобранител Васка Бајрамовска – Мустафа вели дека навлегувајќи во проблемот по однос на претставките, Народниот правобранител утврдил не само повеќегодишна, туку и повеќекратна дискриминација кон децата со пречки во развојот од руралните средини.

Бајрамовска – Мустафа веднаш го известила Министерството за труд и социјална политика за пријавената дискриминација по основ на образованието на децата со попреченост. Побарала информација одговор што ќе преземе Министерството во иднина да се отстрани неправдата со посебниот додаток на децата со попреченост од селата. Незадоволна од одговорот на министерката Јагода Шахпаска, пред околу 10-тина дена таа повторно се обратила во МТСП, наведувајќи ги сите точки по кои државата ги крши правата на оваа категорија деца.

Народниот правобранител утврдил не само повеќегодишна, туку и повеќекратна дискриминација кон децата со пречки во развојот од руралните средини. – Заменикот-народен правобранител Васка Бајрамовска – Мустафа (Фото: СДК.МК)

Народниот правобранител е незадоволен поради тоа што во одговорот биле наведени суви законски одредби, без суштински да се навлезе во проблемот за кој го известиле Министерството, а со кој се соочуваат овие деца и нивните семејства. Воопшто не се обрнало внимание што во член 11 од Законот за заштита на деца не им е одреден детски додаток на децата со попреченост,а ни на укажувањето на нееднаквиот третман и дискриминацијата по основ на место на живеење.

„Народниот правобранител изврши темелна анализа на законската и подзаконската регулатива со која оваа група на деца преку Центарот за социјална работа се упатуваат со акт во вон-семејна, социјална или друга установа, при што констатира дека Правилникот за поблиските услови и начинот на остварување на правата за заштита на децата, како и утврдување на состојбата на приходите, имотот и имотните права на домаќинството и семејството за правата: детски додаток, родителски додаток за дете и додаток за образование, кој произлегува од членот 53 од Законот за заштита на децата, содржи дискриминирачка одредба во членот 11 став 1, со која нееднакво се третираат децата со попреченост во зависност од местото на живеење во однос на остварувањето на правото на посебен додаток, како и во однос на другите деца кои се сместуваат во Ученички дом како редовни ученици“, вели Бајрамовска – Мустафа.

Имено, споменатата одредба од Правилникот, утврдува дека посебниот додаток се остварува само кога детето се наоѓа на распуст (зимски и летен), додека за време на сместување во установа истиот е ускратен за оваа група на деца (додатокот се префрла на установата), при што нивните родители кои се претежно во социјален ризик не го остваруваат ова право за времетраење на учебната година. А посебниот додаток за дел од овие семејства е можеби и единствен извор на егзистенција, наведува Омбудсманот.

Според Народниот правобранител, поради ваквата непромислена подзаконска одредба, во пракса голем број родители на деца со попреченост, кои живеат надвор од местото каде се образуваат нивните деца, не дозволуваат нивните деца да посетуваат настава во посебните училишта (основни и средни) кои имаат интернатско сместување, свесни дека посебниот додаток ќе се пренаменува за време на нивното школување, односно додека користат сместување во ученички дом, со што пак, се доведува под прашање и егзистенцијата на семејството.

„За разлика од овие, децата кои немаат попреченост, а кои се сместени во интернатите, имаат право на бесплатно сместување, со што државата наместо да ја олесни всушност ја отежнува положбата на децата со попреченост и нивните семејства, а воедно ги дискриминира, наметнувајќи нивното сместување да биде платено со одреден надоместок (во висина на износот на посебниот додаток), додека за останатата категорија на деца кои се без попреченост сместувањето во ученички дом е бесплатно“, потенцира Бајрамовска – Мустафа.

Народниот правобранител, доставувајќи ја оваа Препорака, меѓу другото сака да укаже и потсети дека и овие деца, без оглед на нивното сместување во ученички дом, за време на учебната година имаат потреба од средби и контакти со нивните семејства, роднини и пријатели во местото на живеење. Како и сите други деца сакаат викендите, празниците и други слободни денови во текот на годината сакаат да ги поминат во кругот на најблиските, но поради тешката материјална состојба тоа не можат да си го дозволат, што доведува до негативни последици врз нивната психолошка и општа добросостојба.

Според анализата на Народниот правобранител, во државата постојат 7 посебни основни и средни училишта со интернатско сместување, во кои за време на учебната година се сместуваат деца со попреченост, при што нивниот број се движи од 150 до 200.

„Оттаму произлегува дека околу 200 корисници – деца на посебен додаток грубо би го оптеретиле Буџетот со приближно 11.160.000 денари (180.000 евра, н.з.) на ниво на учебна година, што е незначително, и многу помалку од средства кои се одделуваат за одбележување на одредени прослави или пак за возни паркови на одредени институции“, реагира Омбудсманот.

Тој бара итно Министерството за труд и социјална политика да ја измени и избрише спорната одредба од членот 11 од цитираниот Правилник, со цел еднаков пристап во остварување на правото на посебен додаток за овие деца.

Од Министерството за труд и социјала ни одговорија дека за дете кое е сместено во установа за вон-семејна социјална или друга установа со решение на центарот за социјална работа, се остварува право на посебен додаток за време кога детето се наоѓа на распуст (зимски и летен), за три месеци сметано од 1 јуни тековната година. – Министерката Јагода Шахпаска (Фото: СДК.МК)

Во членот 7 став 1 и 2 од Конвенцијата за правата на лицата со попреченост е наведено дека: „Државите потписнички ќе ги преземат сите неопходни мерки за да обезбедат целосно остварување на сите човекови права и основни слободи на децата со попреченост на еднаква основа со другите деца. При преземањето на сите акции во однос на децата со попреченост, како примарно ќе се зема предвид најдобриот интерес на детето, при што ќе се обезбеди соодветна поддршка во однос на нивната попреченост и возраст со цел остварување на соодветното право.“

Согласно членот 24 од Конвенцијата: „Државите потписнички го признаваат правото на образование на лицата со попреченост, без дискриминација и врз основа на еднакви можности, со цел развој на личноста, талентите и креативноста, како и менталните и физичките способности на лицата со попреченост до ниво на целосен потенцијал“.

Она на кое Народниот правобранител става посебен акцент е токму стандардот на живеење, зашто државата им го зема додатокот на овие деца. Во членот 28 се наведува: „Државите потписнички го признаваат правото на лицата со попреченост на соодветен стандард на живеење за нив самите и нивните семејства, вклучувајќи соодветна исхрана, облека и домување, и на постојано подобрување на условите за живеење и ќе преземат соодветни чекори за заштита и промоција на реализацијата на ова право без дискриминација врз основа на попреченост, вклучувајќи мерки за обезбедување пристап за лицата со попреченост до програми за социјална заштита и програми за намалување на сиромаштијата; обезбедување на пристап за лицата со попреченост и нивните семејства кои живеат во сиромаштија до помош од државата за трошоци поврзани со попреченоста, вклучувајќи финансиска помош; како и обезбедување пристап за лицата со попреченост до државни програми за домување.“

„Напоменуваме дека со членот 5 од Законот за спречување и заштита од дискриминација се забранува дискриминацијата по основ на попреченост, додека местото на живеење на дискриминираната категорија во овој случај го сметаме како друга основа за дискриминација. Затоа цениме дека ова е потежок вид на дискриминација бидејќи се работи за случај на повеќекратна дискриминација која трае во континуитет долг временски рок“, реагира Бајрамовска – Мустафа.

Народниот правобранител покрај овие, на Министерството му ги наведува серија основи по кои како држава, со посебниот додаток им ги кршиме правата на овие деца.

На прашање што ќе направи Министерството за оваа дискриминација на децата со попреченост од руралните средини, министерката Јагода Шахпаска ни одговори:

„Според Законот за заштита на децата во членот 34 стои дека, право на посебен додаток има еден од родителите на детето, старател или лице на кое со решение на надлежниот центар за социјална работа му е доверено детето и живее во семејството со него, со постојано место на живеење во Република Северна Македонија, ако е детето државјанин на Република Северна Македонија со постојано место на живеење во Република Северна Македонија до навршени 26 години живот, доколку не е сместено во установа за вон семејна социјална заштита или друга установа со решение на центарот за социјална работа“.

Што значи, додатокот во учебната година им останува само на децата кои не се сместени во интернати, ништо нема да се промени.

„Согласно Правилникот за поблиските услови и начинот на остварување на правата за заштита на децата, како и утврдување на состојбата на приходите, имотот и имотните права на домаќинството и семејството за правото на детски додаток, родителски додаток за дете и додаток за образование во Член 11, од истиот Закон, е утврдено дека За дете кое е сместено во установа за вон-семејна социјална или друга установа со решение на центарот за социјална работа, се остварува право на посебен додаток за време кога детето се наоѓа на распуст (зимски и летен), за три месеци сметано од 1 јуни тековната година. Правото од ставот (1) на овој член се остварува по барање поднесено најдоцна 15 дена од отпочнување на летниот распуст“, го бетонира ставот МТСП.

Но, Народниот правобранител бара најдоцна во рок од 30 дена од приемот на дописот, Министерството да достави одговор за сите преземени дејствија за спроведување и постапување и да ја тргне оваа дискриминација под итно.

С. К. ДЕЛЕВСКА


Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира