ФАЛА ШТО СЕ СОСТАНА ШПАНСКИОТ ПАРЛАМЕНТ ВО ТЕШКИ ОКОЛНОСТИ ДА НÈ РАТИФИКУВА ЗА НАТО, ВЕ ЧЕКАМЕ ДА ПРЕТСЕДАТЕЛСТВУВАТЕ СО ЕУ, МУ КАЖА КОВАЧЕВСКИ НА ПРЕМИЕРОТ САНЧЕС

    ФАЛА ШТО СЕ СОСТАНА ШПАНСКИОТ ПАРЛАМЕНТ ВО ТЕШКИ ОКОЛНОСТИ ДА НÈ РАТИФИКУВА ЗА НАТО, ВЕ ЧЕКАМЕ ДА ПРЕТСЕДАТЕЛСТВУВАТЕ СО ЕУ, МУ КАЖА КОВАЧЕВСКИ НА ПРЕМИЕРОТ САНЧЕССанчез кажа дека лично тој и неговата Влада, се ставаат целосно на располагање да ѝ помогнат на Македонија на патот кон зачленување во Европската унија. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Премиерот Димитар Ковачевски денеска го пречека шпанскиот премиер Педро Санчес Перез – Кастехон во прва официјална посета на Македонија на шпански премиер. Санчес кажа дека лично тој и неговата Влада, се ставаат целосно на располагање да ѝ помогнат на Македонија на патот кон зачленување во Европската унија.

    Ковачевски по средбата во Владата, пред Санчес да замине кај претседателот на Македонија Стево Пендаровски, кажа големо Фала за ратификацијата на членството на нашата земја во НАТО, кога Шпанија се наоѓаше во исклучително тешки околности, а Парламентот се состана само за да ни даде поддршка. По три дена, Македонија стана 30-та земја членка на НАТО.

    „Оваа поддршка на патот кон ЕУ лично ми ја пренесе денеска колегата Санчес, што верувам и за граѓаните на Северна Македониј претставува голема чест. Како резултат на оваа и на поддршката на сите останати земји пријатели на Северна Македонија, пред околу 10-ина дена ја одржавме првата меѓувладина конференција со која ги почнавме преговорите со Европската унија. После донесените тешки одлуки кои бараа лидерство, храброст, одговорност и државничко однесување, направивме уште еден крупен чекор кон остварување на нашата повеќедецениска стратешка цел. Најважно од се, тоа го направивме како Македонци кои говорат македонски јазик, со безусловно почитување на достоинството и посебноста на македонскиот народ. Со почнувањето на преговорите, она што е македонско, ќе остане автентично и во Европската унија од една страна, а ќе го збогати сложениот европски идентитет од друга страна“, кажа Ковачевски и се пофали со нашето мултиетничко општество пред високиот гостин.

    На колегата му кажа дека скринингот кој е почнат, нашите институции го чекале цели 17 години.

    На крајот Ковачевски кажа дека овој проевропски момент Македонија има намера да го зајакне за време на шпанското претседателство со Европската унија, кое, како што рече, со големо задоволство го очекуваме.

    Санчес Перез – Кастехон го поздрави деблокирањето на процесот за почеток на преговорите како што рече, на Северна Македонија со ЕУ. Се заблагодари дека европската иднина на Македонија Ковачевски ја ставил„ пред кој било друг интерес“ и го деблокирал патот на земјата кон ЕУ.

    Во однос на бруталната агресија на Русија на Украина, кажа дека „сме обединети од кога било досега“ и оти Македонија е на страната на одбрана европските демократски вредности.

    Вети помош од Шпанија и лично од него на патот на реформите и кажа дека во 1986 кога Шпанија требало да спроведе реформи за во ЕУ, било многу тешко.

    “Димитар, можете да сметате на мене“, рече тој.

    „Многу километри не делат, но имаме многу заеднички вредности и интереси. Ние сме две земји од југот на Европа, кои имаме европска и евроатланска вокација“, кажа премиерот на Кралството Шпанија.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

     

     

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира