Волфганг Петерсен, германскиот режисер кој почна да снима холивудски блокбастери по легендарниот филм „Подморница“, почина во својот дом во Лос Анџелес на 81 година по битка со рак на панкреас.
Петерсен сними два филма пред да оствари голем успех со „Подморница“ (Das Boot) од 1982, кој во тоа време беше најскапиот германски филм на сите времиња. Неговата должина беше скратена од оригиналните 210 на 149 минути и го прикажува клаустрофобичниот живот во германска подморница за време на Битката за Атлантикот во Втората светска војна.
Означен како антивоено ремек-дело, „Подморница“ доби шест номинации за Оскар, од кои две за Петерсен.
Овој филм ја лансираше холивудската кариера на Петерсен, станувајќи препознатлив по катаклизмични акциони авантури, меѓу кои се истакнуваат „Совршена бура“, „Посејдон“ и „Епидемија“.
Сепак, неговите најзначајни дела од американскиот период спаѓаат во сосема други жанрови: детската фантазија „Бескрајна приказна“ и трилерот „Во линијата на огнот“ со Клинт Иствуд и Џон Малкович. Последниот филм го сними во 2016.