Не загадениот воздух, ниту недостатокот на вода за пиење или сообраќајниот хаос во градот, главна тема на предизборната кампања за Советот на Општина Тетово стана промената на имињата на некои улици. Иницијативата е на градоначалникот Касами, а ја поддржуваат речиси сите политички партии на Албанците кои излегуваат на вонредните избори за нов Совет. Тие бараат голем дел од улиците кои сега ги носат имињата на личности од македонската, југословенската и светската историја да се преименуваат во личности од албанската историја, меѓу кои и припадници на УЧК.
Деновиве, Касами потпиша меморандум за соработка со извесно Академско здружение на Албанците за наука и уметност, со кој, меѓу другото, ќе се бара промена на имињата на некои улици во Тетово.
„Го направивме првиот чекор во насока на отворање јавна дебата во врска со оваа многу важна иницијатива за општината. Со овој меморандум за соработка ќе се овозможи изготвување стратегија која ќе биде во согласност со законите и со која улиците во Тетово ќе носат албански имиња и на градот ќе му се вратат културата и традицијата што му доликуваат. Ќе бидат вклучени сите категории граѓани кои се заинтересирани и засегнати за именување патишта и институции на локално ниво“, изјави Касами.
Барањето за промена на имиња на некои улици во Тетово не е ново. БЕСА и ДУИ се залагаа за ова и во 2019, но не успеаја да го реализираат. Во 2007, тогашното општинско раководство ги промени имињата на 20-ина улици, па така плоштадот и главниот булевар кои го носеа името Маршал Тито беа променети во Илирија, улицата ЈНА во Дервиш Цара, а улицата Иво Рибар Лола беше поделена на три дела, од кои два добија албански имиња. Иако оваа одлука беше усвоена од тогашниот Совет на општината, таа не беше прифатена и од Министерството за транспорт, па сега во локалната комуникација Општината ги користи новите имиња, а во државната комуникација улиците и натаму се водат под старите имиња.
За новата иницијатива за давање албански имиња на тетовските улици остро реагираат партиите на Македонците во Тетово.
„Во овој момент, Општина Тетово има многу поважни проблеми за решавање. Во градот владеат сообраќаен хаос и нечистотија, има проблеми со водоснабдувањето, а кучиња скитници има на секоја страна, па ова треба да се остави за некои подобри времиња“, вели Глигорие Стојановски, носител на советничката листа на СДСМ.
Сличен е ставот и на ВМРО-ДПМНЕ
„Мислам дека ова прашање се отвора во предизборната кампања само со цел да се соберат што повеќе политички поени. ВМРО-ДПМНЕ смета дека таквите прашања не заслужуваат одговор и дека во Тетово има многу побитни прашања за решавање, како комунални проблеми, непочитување на соодветната и правична застапеност во раководењето на општината и јавните претпријатија и немање еднакви услови за школување за македонските ученици во гимназијата ‘Кирил Пејчиновиќ‘ и основното училиште ‘Братство Миѓени‘“, посочи Ангел Карапетров, носител на советничката листа на ВМРО-ДПМНЕ.
Од Интегра велат дека ваквите прашања не можат да предизвикаат ништо друго освен меѓуетнички проблеми.
Според член 4 од Законот за определување на имиња на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти, тоа се врши со одлука на Советот на општината, која се усвојува со мнозинство гласови од присутните членови на Советот, при што од нив мора да има мнозинство гласови од заедниците кои не се мнозинско население во општината.
Вонредните избори за Советот на Општина Тетово ќе се одржат в сабота.
З. АНДОНОВ