Компанијата „Алкалоид“ отвори нова фирма во Романија по неколкугодишното присуство и успешно работење на романскиот пазар, соопшти фармацевтската компанија. Новото друштво во Романија, со назив „Alkaloid Bucharest S.R.L.“ е 100 % во сопственост на компанијата.
Ова е седма компанија на „Алкалоид“ основана во земја од Европската унија.
„Алкалоид“ е присутен во Романија преку палетата на фармацевтски производи, како и преку програмата за хемодијализа, која вклучува неколку групи производи. Реализираните продажби за 2021 година на пазарот во Романија изнесуваа 212,5 милиони денари, а во првата половина од 2022 година компанијата забележа раст од 140 % на овој пазар, споредено со истиот период од минатата година.
„Ваквиот деловен потег е дел од долгогодишната развојна, деловна политика на компанијата, во насока на главните стратешки определби што се однесуваат на глобализацијата на брендот ‘Алкалоид‘ и со цел зајакнување на постојните извозни позиции, особено на пазарите во Европската Унија. Имајќи предвид дека повеќе од 65 % од пласманот на производите на компанијата се наменети за извоз, од исклучително значење е присуството на производствената програма на пазарите во ЕУ, како и проширувањето на нови пазари, соопштија од компанијата.