ГРАЃАНИТЕ ТЕШКО ПРЕПОЗНАВААТ ДИСКРИМИНАЦИЈА И УШТЕ ПОРЕТКО ПРИЈАВУВААТ

    ГРАЃАНИТЕ ТЕШКО ПРЕПОЗНАВААТ ДИСКРИМИНАЦИЈА И УШТЕ ПОРЕТКО ПРИЈАВУВААТТетово спаѓа меѓу градовите во државата од каде има поднесено најмалку претставки за дискриминација. (Фото: СДК.МК)

    Со пропаганден материјал и со директни контакти во граѓаните, Комисијата спречување и заштита од дискриминација ги запознаваше тетовци, што е дискриминација, како да ја препознаат и како можат да ги остварат своите права ако биле жртви на дискриминација.

    Тетово спаѓа меѓу градовите во државата од каде има поднесено најмалку претставки за дискриминација, па затоа и од овде започна кампањата „Препознај, пријави, спречи дискриминација“, која покрај во Тетово ќе се одржи и во повеќе градови во државата.

    „Целта ни е да ја приближиме работата на Комисијата Спречување и заштита од дискриминација до граѓаните на Општина Тетово и да ги запознаеме со постапката за пријавување дискриминација. Оваа година до Комисијата се поднесени 171 претставка од граѓани и организации. Граѓаните најмногу се жалат на дискриминација од областа на работата и работните односи, односно најмногу се чувствуваат дискриминирани на работното места и тоа поради етничка или политичка припадност, род, сексуална ориентација, а потоа следат пријави поради оневозможен пристап до јавни добра и услуги. Во државата, најмногу вакви претставки има поднесено во Скопје, додека во Тетово има само една или две, што укажува дека граѓаните на Тетово не се многу запознаени со нашата работа или пак не препознаваат дискриминација“, изјави Исмаил Камбери, заменик претседател на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.

    Камбери вели дека постапката за поднесување претставка за постоење дискриминација е многу едноставна. Таа може да се поднесе во писмена форма, усно или по електронски пат, но проблемот е што граѓаните малку се запознаени со ова нивно право и со начинот како да го остварат.

    „Ние поднесените претставки или ги отфрламе или носиме решение со кое не се утврдува дискриминација или пак носиме мислење со кое се утврдува дискриминација. Од вкупно 171 претставка, колку досега се поднесени оваа година, имаме четириесетина каде сме утврдиле дискриминација. Кога ќе утврдиме дека постои дискриминација, даваме препорака до дискриминаторот како да ја отстрани дискриминацијата како и рок до кога треба да ја отстрани. Доколку не ја отстрани, тогаш како Комисија имаме право да поведеме прекршочна постапка пред надлежен суд за прекршоци каде што казните се движат од 100 до 10.000 евра. Досега имаме поднесено 20 вакви претставки, а веќе наредниот месец имаме и рочишта пред судот за прекршоци каде треба да објасниме зошто сме до донеле тоа мислење“, вели Камбери.

    Комисијата за спречување и заштита од дискриминација е формирана во јануари минатата година.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира