ДА СЕ БИДЕ ИЗВРШИТЕЛ СТАНУВА НЕИСПЛАТЛИВО, КАНЦЕЛАРИИТЕ СЕ ЗАТВОРААТ- СЕ БАРА ВОВЕДУВАЊЕ НА НАДОМЕСТ ЗА ИЗВРШУВАЊЕ

    ДА СЕ БИДЕ ИЗВРШИТЕЛ СТАНУВА НЕИСПЛАТЛИВО, КАНЦЕЛАРИИТЕ СЕ ЗАТВОРААТ- СЕ БАРА ВОВЕДУВАЊЕ НА НАДОМЕСТ ЗА ИЗВРШУВАЊЕИзвршителите кажаа дека канцелариите им се пренатрупани со комунални предмети, чиј опфат некаде е до 80 проценти од работата, а за некои не можат да ги наплатат извршните трошоци. (Фото: СДК.МК)

    Поради ниската тарифа и други проблеми извршителската работа станува економски неисплатлива и нема интерес да се работи особено во градовите надвор од Скопје. Само во последните две години десетина извршители предвреме заминале во пензија или си дале доброволно отказ.

    На конкурсите за нови извршители по градовите нема заинтересирани, па се случува извршители од Скопје да конкурираат за Куманово, Тетово или Штип. Нема заинтересирани кадри ни за полагање на испитот за извршители. Ова се дел од проблемите што претставниците на Комората на извршители ги соопштија на тркалезната маса и обуката за новинарите одржана во Битола.

    Извршителите кажаа дека канцелариите им се пренатрупани со комунални предмети, чиј опфат некаде е до 80 проценти од работата, а за некои не можат да ги наплатат извршните трошоци. За иронијата да биде поголема, во комуналните спаѓаат и предмети со долгови за неплатени скапи телефони од 70.000 денари, па за лица кои потрошиле голема количина вода наводнувајќи си ја бавчата, други пак се грееле на струја, а немале да платат.

    Кај социјалните случаи извршителот не може да ја наплати услугата, па е должен да финансира наплата на туѓо побарување од сопствен џеб , односно и тој да стане социјалец.

    „Бараме измени на Законот за извршување со воведување на надомест за отпочнување на процес на извршување. Поднесуваш барање за извршување со извршна исправа и треба да платиш одреден износ за да може да почне да работи извршителот. Како во судот, не бараме ништо посебно, таму нема отпочнување на судски процес без плаќање судска такса. Надоместокот би бил за извршителот да може да ги покрие трошоците“, рече Ванчо Марковски, претседател на Комора на извршители на Македонија.
    Додека во 2017 година беше воведено авансно плаќање реализацијата на предметите на годишно ниво беше над 50 проценти, а другите години не е над 30 отсто.

    „Извршител кој почнува без предмети, нема авансирање на трошоци, прилив на средства, па новите предмети кои ќе ги добие треба од дома да носи пари за да ги работи. Да направи услови да му функционира канцеларијата, компјутери, програма за водење, деловен простор, вработени, тековни трошоци. Кај предмети со процент на награда може да се заработи, но ретки се. Во кој бизнис се вложуваат 100 проценти работа, а 10 проценти заработувачка“, рече Марковски.

    Веќе е формирана група од експерти која работи на измените на законот, а од Комората се надеваат до Нова година да бидат донесени за да не затворат канцелариите. Во измените се бараат и изедначување на комуналните со останатите предмети.

    „Со комуналните предмети должниците се повластени, па дури да речеме и субвенционирани да не плаќаат и покрај тоа што се мали трошоци. Наша заложба е да се изедначат со другите предмети за да има и кај нас поголем интерес за да ги сработиме. Таквите предмети само не носат надолу и ќе доведат до затворање на канцелариите. Треба да инвестираме за друг, тие се во најголем број, а најнеисплатливи“, рекоа извршителите.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира