Основачот и член на инвестициската група „М6“, Светозар Јаневски денеска беше одликуван со францускиот орден „Витез на легијата на честа“. Орденот го доделува претседателот на Франција, а во името на Емануел Макрон, орденот на Јаневски му беше предаден од францускиот амбасадор Сирил Бомгартнер.
Орден „Витез на легијата на честа“, востановен од Наполеон Бонапарта во 1802 година, е едно од најценетите светски одликувања кои се доделуваат на поединци за своите исклучителни постигнувања и заслуги во различни области.
Како што кажа амбасадорот Бомгартнер, Јаневски е трета македонска личност која ја добива оваа чест и прва во областа на економијата.
„Горд сум што можам да кажам дека припаѓам на оние што градат мостови на соработка помеѓу земјите, барајќи го она што нѐ поврзува, она што отвора перспективи за поубав и посреќен живот, она што создава дополнителна вредност, одржлив развој и благосостојба“, кажа Јаневски, заблагодарувајќи ѝ се на Франција, додавајќи дека најголемиот дел од заслугата за добивањето на овој орден им припаѓа на неговите соработници, партнери и пријатели, на вработените во неговите компании и секако највеќе на членовите на неговото семејство.