ИСЧЕЗНАТ Е МУЗИЧКИОТ ФОНД НА ЗГАСНАТОТО РАДИО ШТИП, ГИ НЕМА НИТУ ПЛОЧИТЕ ОД „БИТЛСИ“ ЗА КОИ ЛОНДОНСКА АНТИКВАРНИЦА НУДЕШЕ БОГАТСТВО

    ИСЧЕЗНАТ Е МУЗИЧКИОТ ФОНД НА ЗГАСНАТОТО РАДИО ШТИП, ГИ НЕМА НИТУ ПЛОЧИТЕ ОД „БИТЛСИ“ ЗА КОИ ЛОНДОНСКА АНТИКВАРНИЦА НУДЕШЕ БОГАТСТВОИлјадници плочи беа во овие рафтови на поранешното Радио Штип, а сега никој да не знае каде се. (Фото: СДК.МК)

    Деновиве се празнат просториите на поранешното Радио Штип кои се наоѓаат во центарот на градот, во зградата на Јавното станбено претпријатие. Целиот инвентар во просториите е искршен и се носи во депонија. Ја нема вредната опрема од студиото, стои само спикерската маса, целата со искинат плиш и во прашина, а ни трага од микрофоните, магнетофоните, компјутерите. Рафтовите со музичкиот фонд кој беше најбогат во државата сега се празни.

    Никој не знае каде исчезнаа илјадници плочи, дали се однесени од некого или и тие завршиле на депонија. Ги нема ниту плочите од „Битлси“ за кои пред 20 години, претставниците на антикварница од Лондон кои го посетија радиото рекоа „колку пари ќе побарате толку ќе ви дадеме“. Но, вработените не ја прифатија понудата, велејќи дека штом се нуди голема пара за плочите на популарната група и тоа посебно за футролите, тогаш навистина плочите имаат непроценлива вредност.

    Разрушеното студио на Радио Штип, инвентарот е искршен и се носи во отпад. (Фото: СДК.МК)

    Пред 11 години, Радио Штип формално-правно престана да постои па до денес просториите беа под клуч, а антенските системи за време стечајната постапка беа продадени како старо железо. Измирени беа побарувањата само на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, а вработените извисија па нивните побарувања по основ на плата што не била исплатена за неколку години биле измирени само со 1 процент. Односно, наместо секој вработен да земе од 350 илјади-450 илјади денари за што имаше и судска пресуда, добија само по 3.500-4.500 денари.

    Што се случувало за овие десет години никој не знае да каже. Пропаднаа обидите на вработените и на големиот број слушатели да го спасат радиото. Пропаднаа и нивните барања општинските власти да преземат мерки за зачувување на богатиот музички фонд и на историската архива од информативните емисии чии содржини беа напишани на хартија и спакувани во комплети за секој месец.
    Деновиве кога се врши изнесувањето на искршениот инвентар, расипаните термо печки, а сè друго што останало е искрешено,  глетката е страотна. Во крш беше целото студио и просториите со празните рафтови за архивата и музичкиот фонд. Единствено неискршен останал само еден сувенир, резба на кора од дрво подарено од слушател во 2005 по повод 45 години на Радио Штип кое беше основано во 1960.

    Остана само сувенир, резба на дрво подарена од слушател за 45 години постоење, 6 години пред радиото да згасне. (Фото: СДК.МК)

    Сè до 2011, Радио Штип беше едно од најслушаните во Македонија, а на натпреварите Денови на македонското радио, штипското секоја година ги освојуваше главните награди во категориите информативни, контактни, документарни и музички емисии.
    Пропаднаа обидите и за трансформација на 29-те локални радиостаници во Македонија, откако се донесе Закон дека Општините не можат да бидат основачи. Некои од радијата во прва и втора фаза се приватизираа, но за оние од третата фаза, како што беа радијата од Велес, Тетово, Пробиштип и од Штип, проектот за нивна трансформација остана во фиоките на Министерството за економија кое со закон беше задолжено за тогашната трансформација и до ден-денешен нема одговор на прашањето зошто тоа се случи.

    Пропаднаа и обидите на вработените и на голем број слушатели барем да се формира една спомен-соба на Радио Штип кое беше и очи и уши на граѓаните. Никој од општинските власти во изминатата деценија не се нафати да реализира еден ваков спомен-проект. Дури, со години пропаѓа и старата зграда на Радио Штип која се наоѓа во месноста Свети Илија, а за сегашните простории од Јавното станбено претпријатие велат дека се чистат, оти бил склучен договор за закуп на 5 години таму да работи еден нов приватен едукативен центар.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира