Собранието денеска го избра поранешниот скопски градоначалник Ристо Пенов за нов министер за локална самоуправа. „За“ изборот на Пенов гласаа 63-ца пратеници. Тој доаѓа на местото на неговиот сопартиец од ЛДП Горан Милевски, кој поднесе оставка на 20 септември „од лични причини“.
На истата 88. седница, Собранието денеска избра и двајца нови уставни судии. Станува збор за Фатмир Скендер и Татјана Васиќ Бозаџиева, за кои „за“ гласаа 64-ца пратеници. На гласањето за уставните судии не присуствуваа пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Собранието требаше да избере тројца нови уставни судии, но се одолговлечи комисиската расправа и заглави кај кандидатот Љубомир Јовески, па на пленарна седница беа испратени само два предлога, потег кој ВМРО-ДПМНЕ го смета за неделовнички.
Уставниот суд досега работеше со пет судии од предвидените девет, на работ на кворум.
Денеска Собранието се наврати и на 71. седница и со 62 гласа „за“ го избра Хисни Исмаили од Алтернатива за потпретседател на Собранието.