ОЧЕКУВАМ АВТОПАТОТ КИЧЕВО-ОХРИД ДА БИДЕ ГОТОВ ДО КРАЈОТ НА НАРЕДНАТА ГОДИНА, КАЖА  КОВАЧЕВСКИ

    ОЧЕКУВАМ АВТОПАТОТ КИЧЕВО-ОХРИД ДА БИДЕ ГОТОВ ДО КРАЈОТ НА НАРЕДНАТА ГОДИНА, КАЖА  КОВАЧЕВСКИДолж целата делница работат 800 работници со 390 машини и пробиени се тунелите под превојот Пресека. (Фото: Влада на РСМ)

    Премиерот Димитар Ковачевски очекува до крајот на наредната година да биде готов автопатот Кичево-Охрид, кој се гради 9 години, односно од 2014 кога премиер беше Никола Груевски, а министер за транспрот и врски Миле Јанакиески.

    Ковачевски денеска заедно со вицепремиерите Артан Груби и Фатмир Битиќи, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и заменик-министерот Беким Реџепи и директорот на ЈП Државни патишта Ејуп Рустеми беа на увид на градежните работи на автопатот и рекоа дека тие се одвиваат со засилено темпо. Долж целата делница работат 800 работници со 390 машини и пробиени се тунелите под превојот Пресека за кои имаше наследено проблеми.

    „Свесен сум дека работниците кои го градат овој автопат се соочија со многу предизвици во изминативе години, поради огромни пропусти во самиот проект. Беа потребни години за да се пробијат тунелите под превојот Пресека. Работниците се соочија со многу проблеми во утробата на планината што дополнително ја одолговлечи работата на терен, па плановите за работа мораше да се адаптираат според условите кои што ги налагаа самите услови на терен. За Владата овој пат е приоритетен проект и денеска како што и може да се забележи, се става асфалтна подлога во тунелот, се работи на електрична инсталација и хидрантска мрежа. За да бидат тунелите приспособени за сообраќај треба да се изработи вентилационен систем, противпожарна заштита, видео надзор, систем за детекција на опасни гасови, сообраќајна сигнализација и команден центар“, рече Ковачевски.

    Автопатот Кичево-Охрид во должина од 57 километри до овој момент со сите анекс договори чини 600 милиони евра. Започна да се гради на 22 февруари 2014 година. Кредитот за оваа капитална инвестиција беше земен од кинеската банка „Ексим“ и државата треба да го врати за 20 години. Во октомври 2013 година, Собранието го одобри кредитот, а во ноември беше потпишан договорот меѓу Владата на Македонија и кинеската компанија. Тогашната власт на ВМРО-ДПМНЕ вети дека новиот автопат ќе биде готов за 4 години, во 2018 година. Но со доаѓањето на власт на СДСМ во 2017, беше кажано дека проектот е утнат, има еден куп нерешени проблеми на трасата. Првичниот проект претрпе промени поради несовпаѓање на проектираната и изведената траса, градежните активности беа сопрени, а цената за тоа ја плаќаат граѓаните и беше потпишан нов анекс договор со кинеската фирма од 185 милиони евра.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира