НЕМААТ ПРАВО НА ПОМОШ ЛУЃЕ ШТО ОТКАКО НАПОЛНИЛЕ 65 ГОДИНИ ГО ИЗГУБИЛЕ СЛУХОТ И ВИДОТ, ТЕШКО ПОВРЕДЕНИ И НЕПОДВИЖНИ, А И ОНИЕ СО ТЕШКА МЕНТАЛНА ПОПРЕЧЕНОСТ, ОМБУДСМАНОТ БАРА ПРОМЕНА НА ЗАКОНОТ

НЕМААТ ПРАВО НА ПОМОШ ЛУЃЕ ШТО ОТКАКО НАПОЛНИЛЕ 65 ГОДИНИ ГО ИЗГУБИЛЕ СЛУХОТ И ВИДОТ, ТЕШКО ПОВРЕДЕНИ И НЕПОДВИЖНИ, А И ОНИЕ СО ТЕШКА МЕНТАЛНА ПОПРЕЧЕНОСТ, ОМБУДСМАНОТ БАРА ПРОМЕНА НА ЗАКОНОТНародниот правобранител поднесе иницијатива да се вратат одредбите во Законот за социјална заштита од пред 2017 и да престане дискриминацијата на оваа категорија лица со попреченост. (Архивска фотографија од протест во Битола)

Граѓани од Кичево, Кавадарци, Гевгелија, Крива Паланка, Штип, Делчево, Неготино, Велес и Струмица, лани и во 2020 биле одбиени за помош од државата, оти по својата 65-та година добиле тешки телесни повреди и останале инвалиди, оти се повредиле, ослепеле или оглувеле. Народниот правобранител во големо истражување преку сите Центри за социјална работа во Македонија, констатира дека во 10 од нив, за две години има вкупно 23 одбиени барања за надоместок заради попреченост, со образложение: „поради навршени 65 години возраст“.

Оваа тешка дискриминација на лицата со попреченост, тешки повреди и оглувување или ослепување по 65-та година, трае од 2017 наваму. Поради тоа, Омбудсманот Насер Зибери до Министерството за труд и социјална заштита поднесе иницијатива со која бара да избрише ограниченоста од „65 години“ во Законот за социјална заштита и барање за надоместок да може за првпат да поднесат и вакви лица по 65-та возраст кога не по своја вина станале инвалиди, ослепеле или го изгубиле слухот.

„Следствено, за надминување на ваквата состојба и постигнување едкавост во пристапот и остварувањето на правото на надоместок заради попреченост, потребно е соодветно изменување и дополнување на Законот за социјалната заштита така што ќе се уреди остварување на правото без ограничувачкиот услов ‘најдоцна до 65 годишна возраст’, кој услов не беше предвиден во претходниот Закон за социјална заштита, каде додатокот за слепило и мобилност беше достапно за секое лице со навршени 26 години возраст, без определеување на крајна граница на возраста“, вели Народниот правобранител Зибери.

САКАМДАКАЖАМ.МК пред година и пол веќе алармираше за оваа дискриминација

Во периодот 2020/21 година, за остварување на правото на надоместок за попреченост по основ на тешка или длабока интелектуална попреченост, најтешка телесна попреченост, целосно слепо и целосно глуво лице поднесени се вкупно 7.293 барања, од лица на возраст од 26-65 години. Притоа, од месно надлежните центри за социјална работа позитивно е одлучено за 7.142 барања (97,92%). Но отпаднале тие кои за првпат побарале ваков додаток со наполнети 65 години оти законот не дозволува.

Тие неподвижни луѓе се оставени сами да се снаоѓаат. Кога би ја добивале таа помош од околу 8.000 денари, би платиле луѓе кои би биле нивните очи, нозе, уши, нивна ментална функција таму каде што се работи за тешка ментална попреченост, бидејќи не сите тие лица со тежок инвалидитет над 65 години живеат со свои деца и живи родители за да се грижат за нив.

Според полова структура на барателите, 2.981 мажи и 4.312 жени аплицирале за надоместок поради попреченост, во периодот 2020/21 година.

Со оглед дека постојната одредба на членот 44 став 2 од Законот за социјална заштита е ограничувачка и создава можност за нееднаков третман на граѓаните во остварување на правото на надоместок поради попреченост, утврден со Законот за социјална заштита, Народниот правобранител му препорачува на Министерството за труд и социјална политика да преземе мерки со цел да се востанови правен режим за еднаква примена на правото за сите граѓани во државата без разлика на возраста.

Според став 2 од истиот член, „надоместок поради попреченост може да оствари лице со навршени 26 години возраст, најдоцна до 65- годишна возраст, а се користи без оглед на старосната возраст на корисникот“.

„На прв поглед ваквата одредба не претставува пречка за остварување на ова право, меѓутоа, во предметното работење забележани се случаи кога за овој надоместок аплицираат граѓани со навршени 65 години возраст, но се одбиени“, вели Зибери.

Под претпоставка дека негативните одлуки во споменатите случаи кои ги носат месно надлежните центри за социјална работа се поради ставот 3 на истиот член во кој е утврдено дека право на овој надоместок не може да оствари лице ако користи цивилна или воена инвалиднина, согласно со закон или пак, поради опреленото во став 4, ако со решение на Центарот за социјална работа подолго од 30 дена е сместено во установа за вонсемејна социјална заштита, згрижувачко семејство, организирано живеење со поддршка или во здравствена или друга установа за период додека трае сместувањето, според Народниот правобранител, од аспект на примената на оваа одредба оправдано се поставува прашањето:

„Што ако барателот е лице над 65 години, и по оваа возраст се нашло во состојба на попреченост, а не остварува право на пензија, ниту на инвалиднина? Зошто за овој граѓанин одредбата да биде ограничувачка?“

Во овој контекст, Народниот правобранител потсетува дека владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Македонија, а според член 9, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

С. К. ДЕЛЕВСКА

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира