На свечена академија која се одржа во Тетово, светски познатиот писател од Албанија Исмаил Кадаре беше прогласен за почесен граѓанин на Тетово. Ова признание му е доделено откако на една од последните седници на Советот на Општина Тетово советниците едногласно ја усвоија оваа предлог-одлука.
„Досега сум добил многу признанија, но ова признание е многу посебно бидејќи го добивам од Тетово, најпознатиот илиро-албански град на светот. Ме радува што слушам убави зборови од читателите на Тетово, а сега имам можност да се сретнам со нив. Првпат доаѓам во Тетово, но писателот секогаш го чувствува тоа во душата и во своите дела. Верувам дека и понатаму ние ќе комуницираме преку моите дела и преку вашите зборови. Им се заблагодарувам на граѓаните на Тетово кои дојдоа овде лично да се сретнат со мене“, рече Кадаре на доделувањето на признанието.
Неговите дела се преведени на 50 светски јазици. Член е на Француската академија, како и на уште неколку други значајни светски институции и асоцијации. Досега има објавено десетина книги поезија, раскази и романи и есеи, од кои најпознато дело му е романот „Генералот на мртвата војска“. Денес живее во Париз.
Во рок од неколку месеци, ова е втора личност која е прогласена за почесен граѓанин на Тетово. Првин вакво признание доби Рифат Јашари, брат на контраверзната личност од Косово Адем Јашари. Оваа одлука тогаш ја донесе лично градоначалникот Билал Касами бидејќи во тој период Советот на општината сé уште не беше конституиран. Одлуката за Кадаре беше едногласно прифатена, но советниците од македонските партии во Советот дадоа забелешка дека вакви признанија им се даваат само на Албанци и дека Тетово има заслужни граѓани од македонска националност кои исто така заслужуваат да бидат прогласени за почесни граѓани на Тетово.
З. АНДОНОВ