КАТАСТАРОТ ГИ ЗГОЛЕМИ ЦЕНИТЕ И ДО 500 ОТСТО, УСЛУГА ОД 67 ДЕНАРИ СЕГА ЧИНИ 409, ВЕЛАТ ОД КОМОРАТА НА ГЕОДЕТИ

    КАТАСТАРОТ ГИ ЗГОЛЕМИ ЦЕНИТЕ И ДО 500 ОТСТО, УСЛУГА ОД 67 ДЕНАРИ СЕГА ЧИНИ 409, ВЕЛАТ ОД КОМОРАТА НА ГЕОДЕТИГеодетите велат дека Катастар ги зголемува цените, а нивниот електронските систем постојано е вон функција и не можат нормално да работат. (Фото: К. Попов)

    И до 500 отсто се зголемени цените на Катастарот. Од Комората на трговски друштва за геодетски работи денеска на прес-конференција побараа итно повлекување на новиот ценовник на Агенцијата за катастар на недвижности со кој за да добијат одредени податоци тие и граѓаните отсега ќе треба да плаќаат многу повеќе.

    На 19 ноември стапија на сила неколку нови тарифници за висина на надемостоците кои ги наплаќа Агенцијата за катастар на недвижности за нејзините услуги, а во кои услугите се поскапени за 100, 200 па и 500 отсто. На пример досега за добивање на податоците кои се потребни за подготовка на еден геодетски елаборат се плаќало 750 денари, со зголемувањето износот ќе биде 1.552. Како најголем парадокс, би го навел најголемото зголемување на цената за купување на податок за координати на геодетска точка, што досега чинеше 67 денари, а сега е 409 денари“, кажа Никола Рибароски, претседател на Комората на трговски друштва за геодетски работи.

    Геодетите велат дека Катастар ги зголемува цените, а нивниот електронските систем постојано е вон функција и не можат нормално да работат иако имаат договори за негово непречено користење и редовно плаќаат.

    Комората на геодетски друштва велат дека имаа поднесено барање до Управниот одбор на Катастар за корекција на цените на услугите кои ги наплаќаат геодетските друштва, но сè уште не е имплементирано.

    Согласно Законот за катастар на недвижности, Комората уште од 2019 година има доставено предлог за корекција на цените кои геодетските друштва ги наплаќаат на своите корисници до Управниот одбор на Агенцијата, но до ден денес поради најразлични изговори и не давање на одговори немаме нов тарифник. Цените на нашите услуги се од 2013 година иако досега реалните трошоци се значително зголемени“, додава Рибароски.

    Директорот на Агенцијата за катастар на недвижности Борис Тунџев не сакаше да ни даде изјава зошто се зголемени цените, ни рече дека ќе испратат официјално соопштение во текот на денот или утре.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира