Дојави за бомби денеска освен во седум средни школи во Скопје и во трговскиот центар Ист гејт мол, стигнале и во трговскиот центар Бисер, Транспортниот центар, објектот Флетајрон и во Полициската станица Центар, соопшти МВР. По неколку часа МВР соопшти дека се извршени и детални проверки од тимови за антитерористички проверки и утврдено е оти станува збор за лажни пријави.
„Денеска околу 09.30 часот во СВР Скопје било пријавено дека на електронска адреса на седум средни училишта во Скопје е упатена закана за поставена експлозивна направа. Веднаш по добиената пријава, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на училиштата и во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случаите.
Исто така, пријавено е дека на електронска адреса била упатена закана за поставена експлозивна направа и во ТЦ Ист Гејт, ТЦ Бисер, Транспортен центар, Флатајрон и ПС Центар“, соопшти МВР.
Во средата закана за бомба стаса во Народна банка, откако два месеца мета на закани за поставени бомби беа средните и основни училишта во Скопје и во други градови. Сите досегашни дојави беа лажни.
А. АНТЕВСКА