70 ОРГАНИЗАЦИИ БАРААТ ПРОМЕНА НА ДИСКРИМИНАТОРСКОТО РЕШЕНИЕ СО КОЕ ЗЕМЈОДЕЛКИТЕ НЕМААТ ПРАВО НА ПЛАТЕНО ПОРОДИЛНО ОТСУСТВО

    70 ОРГАНИЗАЦИИ БАРААТ ПРОМЕНА НА ДИСКРИМИНАТОРСКОТО РЕШЕНИЕ СО КОЕ ЗЕМЈОДЕЛКИТЕ НЕМААТ ПРАВО НА ПЛАТЕНО ПОРОДИЛНО ОТСУСТВОПовеќе од 60 здруженија и мрежи на граѓански организации се обединија околу барањето за системско решение за овозможување на платено породилно отсуство и барањата ги испратија до надлежните институции. - Од денешната прес-конференција. (Фото: К. Попов)

    Земјоделките немаат право на платено породилно отсуство и отсуство поради боледување и повреда, што претставува нехумана и дискриминаторска политика, реагира Мрежата за заштита од дискриминација и бара системско решение за овој проблем.

    „Земјоделките немаат право на платено породилно отсуство и отсуство поради боледување и повреда, што претставува нехумана и дискриминаторска политика. Земјоделките се работнички, поточно самовработени лица, кои се занимаваат со една од најважните стопански дејности, производството на храна, а притоа живеат во рурални области, со отежнат пристап до права и до социјални, здравствени, правни и други видови услуги, во области со лоша инфраструктира и погодени од сиромаштија. Фактот што немаат право на платено породилно отсуство значи дека не можат да престанат со работа по пораѓањето и да се посветат на грижа и нега на новороденчињата, бидејќи ќе го изгубат и онака малиот и несигурен приход од земјоделска дејност“, велат од Хелшинскиот комитет за човекови права.

    Драгана Дрндаревска од Коалицијата Маргини и претставничка на Мрежата за заштита од дискриминација на денешната прес-конференција кажа дека зад ова барање стојат повеќе од 70 здруженија, мрежи и сојузи од кои голем дел се организации кои дејствуваат во областа на заштитата на човековите права и правата на рурални жени.  Барањата се испратени до Собранието, Министерството за здравство, Министерсството за труд и социјална политика и Министерството за земјодество, шумарство и водостопанство за измени и дополнувања на Законот за здравствено осигурување.

    Лилјана Јоневски од Руралната Коалиција изјави дека најголем дел од земјоделските стопанства имаат годишни примања до 2.000 евра, што значи дека најголем дел од земјоделците живеат во сиромаштија или зависат од приходите на другите членови во семјеството. Според нивните истражувања незначителен број земјоделки (9) користеле платено породилно отсуство, по друг основ.

    „Фактот што немаат право на платено породилно отсуство значи дека не можат да престанат со работа по пораѓањето и да се посветат на грижа и нега на новороденчињата, бидејќи ќе го изгубат и онака малиот и несигурен приход од земјоделска дејност. Оваа состојба влијае негативно на здравјето на мајките и децата од руралните области и резултира со несакани абортуси, зголемен ризик од патолошка бременост, прерано прекинување со доењето и неможност за пружање соодветна грижа на новороденчињата што доведува до нарушувања на менталното и физичкото здравје“, рече Марина Тошеска од ЛАГ Агро Лидер.

    Здруженијата имаат подготвено Предлог-закон за измени и дополнувања на Законот за здравствено осигурување во кој се бара измена во неколку членови.

    „Бараме измени со кои основицата за пресметка и висината на надоместокот нема да биде помала од минималната плата за претходната година, односно 18.000 денари, а породилното да трае 9 или 15 месеци како за останатите работнички. Сметаме дека ова е најмалата прифатлива сума бидејќи со средтствата од породилното отсуство земјоделките мора да бидат во можност да се издржуваат себе си и своето семејство. Исто така достоинствена сума наметнуваат и меѓународните стандарди како обврски што Република Северна Македонија ги има преземено“, кажа Јована Јовановска-Кануркова од Хелсиншкиот комитет за човекови права.

    Тошеска објасни дека предложеното решение нема големи финансиски импликации. „Доколку се водиме од вкупната бројка на регистрирани жени индивидуални земјоделци, која изнесува 1.075 жени, максималниот финансиски трошок доколку 1/4 од овие жени се во можност да забременат и да родат во една година, според предложениот модел изнесува 58.104.000 денари, а доколку се разработи сценарио на реален број на корисници според бројот на доделени права на 1.000 осигуренички според највисоката вредност на овој индикатор во 2021 година, тогаш финансиските импликации би изнесувале 10.368.000 денари“.

    Граѓанските организации објаснија дека спортивно на нивните барања поради недостаток на политичка волја за системско решение, Министертвото за земјоделство планира да го реши проблемот преку програма со која ќе се делат средства на земјоделки. Според нив, ова не е прифатливо решение бидејќи е нецелисходно и во пракса повторно нема да доведе до фактичко уживање на правото на платено породилно отсуство.

    „Програма се донесува секоја година, некој министер ќе ја донесе, друг нема, може да не се предвидат доволно средства за сите, да не се реализира, да се доцни со исплаќањето како и со субвенциите. Програмите се поподложни на политичко влијание и волја на ресорниот министер. Оттука, Министертвото за земјоделие може да дава средства на земјоделки кои се породиле како дополнителна помош, но тоа не е право на платено породилно отсуство. Уште повеќе, со донесување на ова програма само ќе се одолговлечи донесувањето на системското решение, а земјоделките повторно во пракса нема да имаат право на платено породилно отуство“, потенцира Дрндаревска.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира