Првиот македонски пациент со трансплантиран црн дроб од починат дарител денеска си оди дома, по тринеделниот болнички третман, рече денеска проф. д-р Зоран Караџов, директор на Клиниката за дигестивна хирургија и координатор за трансплантацијата на оваа Клиника. Првата трансплантација на црн дроб се случи на 24 ноември, кога семејството на жена кај која беше дијагностицирана и потврдена мозочна смрт даде согласност да се донираат органите и приотоа да се спасат неколку животи. Покрај црн дроб се трансплантираа и два бубрега.
„Морам да признаам дека не беше лесно да се дојде до ова. Работевме многу, вложивме многу и еве успеавме сите заедно да отвориме едно ново поглавје не само во полето на дигестивната хирургија туку и во македонското здравство. Горд сум на мојот тим лекари и медицински сестри како и на соработката која ја имавме со останатите тимови вклучени во трансплантацијата, на соработката со националната координаторка за трансплантација и со Министерството за здравство“, рече д-р Караџов.
Д-р Караџов и националната координаторка д-р Маја Мојсова-Мијовска се заблагодарија и на ова семејство, како и на сите семејства кои досела се одлучиче да донираат органи од своите најблиски и некому друг да го продолжат животот.
Проф. д-р Светозар Антовиќ, кој беше дел од тимот и исто така е шеф на Катедрата по хирургија при Медицински факултетот, рече дека пациентот кој го примил органот е 60-годишен пациент со напредната болест на црниот дроб за кој не постоело друг начин да му се спаси животот.
„За мене како хирург и за моите колеги, беше предизвик да се започне оваа приказна. Двонеделниот престој во Центарот за трансплантација во КБЦ Меркур во Загреб, соработката со тимот на Клиниката за дигестивна хирургија и со сите останати тимови, амбицијата и желбата да се влезе во оваа приказна и да се биде дел од програмата за трансплантација, беше тоа што нѐ водеше кон овој успех“, рече д-р Антовиќ.
Во тимот кој ја направи првата трансплантација учествуваа и д-р Љубомир Огњеновиќ, д-р Ќемаљ Рушити од Клиниката за дигестивна хирургија, како и нивните колеги лекари, клиничкиот фармацевт и медицинските сестри. Тимот анестезиолози од Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ) кои го водеа реципиентот, предводени од прим. д-р Татјана Спировска. Дарителот го подготвија екипите од Клиниката за гастроентерохепатологија, предводени од д-р Бети Тодоровска и д-р Елена Цуракова-Ристевска.
Учествуваа и екипите од Клиниката за урологија, Клиниката за нефрологија, Клиниката за трансфузиологија, и болничките координатори, кои го процесираат пациентот во мозочна смрт, предводени од д-р Мојсова-Мијовска, д-р Билјана Андоновска, како и медицинските сестри, инструментарки и вработените во лабораториите.
„За мене нема посреќен момент од тој кога пациентот ќе си оди дома. Тогаш сите ја гледаат смислата“, кажа д-р Мојсова-Мијовска.
Ова е шеста трансплантација од починат дарител од почетокот на годината и прва на црн дроб во историјата на македонското здравство.
„Заедничката и тимска работа на преку 100 лекари, медицински сестри и админстративен персонал, резултираше, годинава, да се трансплантираат 10 бубрега од починат дарители, 2 срца кај тешки пациенти и извршени 10 инплантации на коскени ткива. За последниве две години тоа се вкупно 8 срца, 30 бубрези, 20 коскени ткива и еве сега и првиот црн дроб“, рече министерот за здравство Беким Сали.
Б. НЕСТОРОСКА