Убавината на меаната на Тумбе Кафе остана опеана само во македонската староградска песна „Ајде да одиме во Битола“ и во спомените на повозрасните битолчани. На терен остатоците од неа наликуваат на хорор филм. Објектот се распаѓа и има функција на јавен тоалет што го користат случајните минувачи. Местото е познато уште од турско кога беговите и агите под дебелите дабови сенки на раат го пиеле своето прво утринско кафе со локум. Во 1911 во Тумбе Кафе бил организиран и јавен ручек за отоманскиот султан Решад Петти. Во социјализмот тука беше една од најпознатите кафеани која ја имаше и во телевизиските реклами. Но, веќе неколку децении не работи и местото се руинира.
Пред неколку години архитекти Владимир Лековски и Искра Анастасовска кои го изготвија проектот „Тумбе Кафе современ културен центар на Битола“ предложија културен центар како помошна сцена на главната културна сцена во Битола, нов кафе-ресторан со сместувачки павилјони со капацитет од педесетина посетители и обновување и дополнителни интервенции на летната сцена – малиот амфитеатар. Но, локалните финансиери не покажаа интерес за инвестирање.
Независната советничка група Поинаку во септември 2020 на Тумбе Кафе организираше дружење со битолчани од 7 до 77-годишна возраст.
„Оваа скромна акција, дружба и иницијатива се надеваме дека ќе допре до надлежните институции кои ќе се сетат дека во Битола има многу оставени и руинирани објекти кои се со огромно значење за битолчани и потенцијалните туристи кои го посетуваат нашиот град. Сите мислења, идеи и ставови од битолчани во наредниот период ќе бидат доставени и во Советот на Општина Битола“, рекоа пред две години од Поинаку.
Сега се дел од локалната власт, но сè уште нема инвестиции за заживување на некогашната култна кафеана. Таа и натаму е само риуна на Тумбето.
Ж. ЗДРАВКОВСКА