КОДОШ ОД СУДСКИОТ СОВЕТ ИЗНЕСУВА ИНФОРМАЦИИ ОД ТАЈНИ ПОСТАПКИ ЗА РАЗРЕШУВАЊЕ СУДИИ

    КОДОШ ОД СУДСКИОТ СОВЕТ ИЗНЕСУВА ИНФОРМАЦИИ ОД ТАЈНИ ПОСТАПКИ ЗА РАЗРЕШУВАЊЕ СУДИИПретседателката Весна Дамева беше вчудовидена како можело судија да му упадне на член на Судскиот совет и да му вреска „Зошто ме разрешуваш!“ (Фото: К. Попов)

    Членовите на Судскиот совет вчера се вознемирија откако слушнаа дека некој од нив пренесува надвор до збор цели дијалози кажани на строго затворени седници. Кодошот пренесувал надвор што се зборува, за кого има постапка за разрешување и други интерни тајни податоци од затворените седници.

    За настанот јавно кажа членот на Судскиот совет судијата Ивица Николовски, по исцрпувањето на точките од дневниот ред на вчерашната седница. Ненадејно му упаднал во канцеларија судија на кого му води постапка за разрешување, со точни цитати што кажал за него на затворена седница.

    „Сакам да ве известам дека ми влезе судијата со точни информации што сум кажал за него во постапката за одговорност. Ме праша: ’Зошто ми водиш постапка!’. Сфатив дека некој од вас точно ме пренел што сум кажал овде на затворената седница. Му одговорив: ‘Почитуван колега, ќе разговараме кога ќе го донесете мојот колега од Судскиот совет кој вака детално ве известил’“, зборуваше вознемирен Николовски, кој дојде во Советот избран од редот на судиите.

    По оваа информација, членовите видно се вознемирија, некои се исплашија, а дел беа и шокирани, коментирајќи – како е можно за тајните постапки и за тоа што се зборува и работи внатре, некој од нив да пренесува на надворешни лица? И дали им се пренесува само на судиите за кои водат дисциплински и постапки за одговорност, или за овие тајни постапки се брифираат и политичари од другите две власти?

    Со недоверба едни кон други, побараа од претседателката Весна Дамева итно да истражи како влегол тој судија низ заклучената и обезбедената врата од МВР, каде се најавил и кој од нив му дал дозвола на обезбедувањето тој судија да се качи горе во Советот?

    „Тука меѓу нас имаме трговци-поединци, неодговорни колеги и неодговорни меѓу службата и барам претседателке ова да го испитате“, револтиран беше судијата Николовски.

    Неофицијално, се работи за натрапник зад кого стои доскорешен моќен политичар.

    Претседателката Весна Дамева беше вчудовидена како и сите.

    „Ова за мене е застрашувачко! Но ова е тоа што треба да го правиме сите. Добро е што се охрабривте да кажете. Јас најпрво ќе преиспитам како влегло тоа лице, дали се најавило кај друг колега, па така влегло кај колегата Николовски. Јас ќе ја известам јавноста. Само, дозволете ми да го истражам случајот прво. Какво е ова изнесување податоци кога постапките се тајни? Какво е тоа кодошење на колеги меѓу себе? Јас ќе ве заштитам. Не се плашете, кажувајте“, рече Дамева.

    По ова, членовите на Судскиот совет ја отстранија јавноста, се затворија на состанок откако Николовски кажа за настанот.

    Судскиот совет е тело кое треба да биде независно, но 16 години е подложно на политички притисоци, тефтерчиња за нарачани судии за бирање, унапредување и разрешување, на влијанија за штитење на криминогени судии блиски до властите.

    Никогаш јавно не алармирал некој од членовите на Судскиот совет дека функцијата некои меѓу нив ја користат да им служат на надворешни интереси, сè до вчера.

    Пред околу три недели, Павлина Црвенковска си поднесе оставка на претседателската функција откако шестмина членови од редот на судиите, плус Дамева која ја избра Собранието, се побунија против тоа што таа излезе со список на судии кои треба да се изгласаат за членови на Управниот одбор на Академијата за судии и обвинители, како и за членови на комисиите за приемен и за завршен испит на Академијата.

    Рекоа дека отсега натаму, во Судскиот совет нема да се гласа по списоци. Во меѓувреме, Советот покрена неколку постапки за одговорност на судии, меѓу кои и против врховен судија, поради кои се членовите се најдоа под големи притисоци.

    Овие седуммина се новото мнозинство во Советот. Според гласањето на предлозите на Дамева на последната седница, мнозинството порасна на 10 членови, против гласаше само членот Лорета Георгиева.

    Црвенковска уште е на боледување, кое го користи од денот кога си даде оставка.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира