Комитетот на Претставничкиот дом кој го истражуваше нападот на американскиот Конгрес од 6 јануари 2021 побара од федералните обвинители да го обвинат Доналд Трамп за опструкција и побуна за неговата улога во поттикнувањето на смртоносниот упад.
Барањето до Министерството за правда не е обврзувачко, но доаѓа додека бившиот претседател се соочува со уште две федерални истраги, за обидот да го поништи неговиот изборен пораз во 2020 и за отстранувањето на доверливи документи од Белата куќа.
Комитетот побара од министерството за правда да го обвини Трамп за попречување на официјална постапка на Конгресот, заговор за измама на САД, давање лажни изјави и за помагање или поттикнување бунт.
„Бунтот против властите на САД е тежок федерален прекршок, вграден во самиот устав“, изјави членот на комитетот Џејми Раскин.
Портпаролот на Министерството за правда одби да го коментира барањето на комитетот.
Денешниот состанок беше последниот јавен собир на деветчлениот комитет кој 18 месеци го истражуваше досега незабележаниот обид да се спречи мирен трансфер на власта, извршен од илјадници приврзаници на Трамп, кои беа инспирирани од лажните тврдења дека изборната победа на Џо Бајден е резултат на измама.