МАКЕДОНИЈА ГО ПРЕЗЕДЕ ПРЕТСЕДАВАЊЕТО СО ОБСЕ, НАЈГОЛЕМАТА РЕГИОНАЛНА БЕЗБЕДНОСНА ОРГАНИЗАЦИЈА ВО СВЕТОТ

    МАКЕДОНИЈА ГО ПРЕЗЕДЕ ПРЕТСЕДАВАЊЕТО СО ОБСЕ, НАЈГОЛЕМАТА РЕГИОНАЛНА БЕЗБЕДНОСНА ОРГАНИЗАЦИЈА ВО СВЕТОТПретседавањето на Македонија со ОБСЕ ќе трае во текот на целата 2023 година. - Знамињата на ОБСЕ пред МНР (Фото: МИА)

    Од денеска, Македонија официјално го започнува претседавањето со Организација за безбедност и соработка на Европа (ОБСЕ), најголемата светска регионална безбедносна организација која опфаќа 57 држави учеснички од Европа, Северна Америка и Азија.

    Од Министерството за надворешни работи велат дека под слоганот „За луѓето се работи“ фокусот на македонското претседавање ќе биде ставен врз хуманата безбедност во ера на регионална и глобална несигурност и нестабилност.

    „Во наш фокус, како земја претседавач, ќе бидат теренските мисии. Ќе преземеме и поддржиме конкретни активности со цел олеснување на животот на луѓето, унапредување на нивните права и слободи“, вели министерот Бујар Османи.

    Како што велат од МНР, освен фокусот врз кризните региони, а пред сè, воената агресија врз Украина, приоритетите на Северна Македонија како претседавач ќе бидат реафирмацијата на придобивките на ОБСЕ и обновување на дијалогот и довербата, како и инвестирањето во мирот и отпорноста на ОБСЕ, како најдобар начин за справување со безбедносните предизвици.

    „Северна Македонија досега многу пати го покажала својот капацитет, дека преку политички дијалог, демократски средства и демократско владеење ги остварува своите цели како на домашен, така и на меѓународен план. Сега имаме можност со таа наша зрелост и знаење да бидеме клучен играч, да ги водиме и да придонесуваме за меѓународните политики и процеси“, вели Османи.

    Претседавањето на Македонија со ОБСЕ ќе трае во текот на целата 2023 година, а Османи ќе ја презентира програмата на програмата на македонското претседавање, пред Постојаниот совет на ОБСЕ , во Виена на 12 јануари.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира