Дерик Шоле, советник на државниот секретар на САД Ентони Блинкен, денеска беше во Скопје на средба со премиерот Димитар Ковачевски за да ги потврди силните односи меѓу САД и Северна Македонија, соопшти Американската амбасада. Како што велат од амбасадата, тој ѝ честитал на владата за преземањето на претседавањето со ОБСЕ и ја нагласил важноста на овој потфат во клучен момент за европската безбедност.
„Северна Македонија е витален партнер во Западниот Балкан и презема важна лидерска улога во обликувањето на безбедноста и стабилноста во регионот и низ Европа, во период без преседан. Патот напред за Северна Македонија, како и за остатокот од Европа, бара напорна работа и жртвување. САД е партнер во соочувањето со тие предизвици. Ние сме ѝ благодарни на Северна Македонија за одлучната поддршка како партнер и доверлив сојузник во НАТО во справувањето со руската агресија во Украина и со помошта за релокација на авганистанските бегалци“, кажа Шоле.
По средбата со премиерот Ковачевски и други клучни министри во владата, Шоле замина за Косово.