Во лабораторија во Бостон, на стари слепи глувци им се врати видов, развија попаметен и помлад мозок, како и поздрави мускули и бубрези. Во истиот експеримент, млади глувци побрзо остареа, со тешки последици по секое ткиво во нивните тела.
„Експериментот покажа дека стареењето е реверзибилен процес и може да се движи напред и назад, по желба“, вели Дејвид Синклер, професор по генетика на универзитетот Харвард.
Тој додава дека во нашите тела има резервна копија од нашата младост која што може да биде поттикната и да почне со регенерација. Експериментите неодамна беа објавени во научен журнал и фрлија сомнеж на прифатената теза дека стареењето е последица на генетски мутации кои што ја оштетуваат нашата ДНК, создавајќи отпад од оштетено ткиво што пак води до болести и смрт.
„Не е отпад, не е оштетување тоа што предизвикува да старееме. Ние веруваме дека се работи за губење на информации, поточно загуба на способноста на ќелиите да ја читаат оригинална ДНК и така забораваат како да функционираат. Нешто слично како што кај старите компјутерите може да дојде до корумпиран софтвер“, вели Синклер.
Џае-Хјун Јанг, професор по генетика во лабораторијата на Синклер и коавтор на истражувањето, вели дека очекува нивните наоди „да го трансформираат начинот на кој гледаме на процесот на стареење и пристапот кон третман на болести поврзани со стареењето“.
Според истражувањето, постои резервна копија на оригиналната ДНК која што може да го ресетира телото. Научниците велат дека нашле начин како ја ресетираат способноста на ќелиите да ја читаат ДНК исто како во младоста.
„Не е важно дали телото има 50 или 75 години, или е уништено од болести. Штом го поттикнеме процесот, телото ќе се сети како да се регенерира и ќе биде младо повторно, дури и ако веќе сте стари или болни“, вели Синклер.
Но, додава тој, сè уште не знаат како, туку само знаат дека тоа може да се направи.
Тим од МИТ откри дека постои ген кој што го контролира стареењето кај квасецот. Тој ген постои кај сите организми, па треба да има начин да се направи истото кај луѓето, смета Синклер.
За да ја тестира теоријата, тој почна да го забрзува стареење кај глувци, без да предизвика мутации за рак. Откако тоа му успеа, тој успеа и да направи обратен процес, користејќи ќелии програмирани да се однесуваат како матични клетки. Но, научниците сè уште не разбираат како функционира подмладувањето на ќелиите.
Во неговата лабораторија, Синклер вели дека со тимот успеале да ги ресетираат ќелиите на глувците неколку пати, покажувајќи дека стареењето може да биде вратено назад повеќе од еднаш, но додава дека може да поминат децении пред да почнат какви било клинички тестирања против стареење на луѓе.