Борците на „Вагнер“ станаа потрошна пешадија во руската офанзива во источна Украина, вели документ на украинското воено разузнавање, кој покажува колку се ефективни околу Бахмут и колку е тешко да се војува против нив.
„Вагнер“ е приватна воена компанија на олигархот Евгени Пригожин, која добива сè позначајна улога во војната во Украина. Украинскиот извештај, кој датира од минатиот месец, заклучува дека таа претставува уникатна закана дури и кога трпи големи жртви.
„Смртта на илјадници борци на ‘Вагнер‘ не му значи ништо на руското општество. Напаѓачките групи не се повлекуваат без наредба. Неодобрено повлекување се казнува со егзекуција на самото место“, стои во извештајот, пренесува Си-Ен-Ен.
Ранетите често остануваат на бојното поле со часови.
„На напаѓачките единици не им е дозволено сами да ги извлекуваат ранетите, зашто нивната главна задача е да напаѓаат додека не биде постигната целта. Ако нападот не биде успешен, повлекувањето е дозволено само ноќе“, се вели во извештајот.
И покрај бруталниот однос кон своите луѓе, тактиката на „Вагнер“ е единствената ефективна покрај слабо обучените мобилизирани трупи кои го сочинуваат мнозинството на руските копнени сили, велат украинските анализи. Тие сугерираат дека дури и руската војска би можела да почне да ја применува.
„Место класичните баталјонски тактички групи, се предлагаат напаѓачки единици. Тоа би била значајна промена во однос на традиционалното руско потпирање на поголеми, механизирани единици“, велат Украинците.
„Вагнер“ делува во мобилни групи со по десетина борци опремени со рачни ракетни фрлачи, а како клучен елемент се наведуваат информациите добиени од дронови во реално време.
Од летоска, „Вагнер“ регрутирал десетици илјади руски затвореници, кои, според украинските извори, први одат во напад и ги имаат најтешките загуби, дури и до 80%. Амбициозниот Пригожин тврди дека неговите борци се исклучиво заслужни за освојувањето на источното рударско гратче Соледар.
„‘Вагнер‘ веројатно е најискусната војска на светот во моментов“, вели Пригожин, кој неодамна се спореди себеси со Распутин.