Полицијата на Мемфис ги објави видеоснимките на кои што се гледа како петмина црни полицајци при рутинска сообраќајна проверка брутално го тепаат Афроамериканецот Тајр Николс, кој притоа не дава отпор. Дваесет и деветгодишниот Николс почина во болница три дена по инцидентот од 7 јануари, додека петтемина полицајци во меѓувреме добија отказ и се обвинети за убиство.
Американскиот претседател Џо Бајден изјави дека чувствува длабока болка поради ужасното видео и претходно ги повика граѓаните на Мемфис да се воздржат од насилни протести. По објавувањето на снимките, демонстрантите блокираа мост на клучен автопат во Мемфис, а протести се одржуваат и во други градови низ земјата.
Полицијата првично објави дека Николс бил запрен поради несовесно возење, што не го поткрепи со докази.
„Ништо не сум сторил, само си одам дома“, вели Николс на една од четирите објавени снимки откако полицајците го извлекле од возилото.
Покрај тоа што цело време го пцујат и му се закануваат, полицајците при изживувањето врз Николс користат и солзавец, електричен пиштол и палки. Додека го тепаат, раскрвавениот Николс може да се чуе како ја повикува мајка му.
Таа изјави дека Николс бил запрен на 70 метри од нивниот дом. Адвокатите на семејството го опишаа Николс како татко на четиригодишен син, скејтбордер и љубител на фотографирањето.
Шефицата на полицијата на Мемфис, Керелин Дејвис, ги опиша постапките на полицајците како грозоморни, несовесни и нехумани и додаде дека се суспендирани уште двајца локални полициски раководители.