Значајни јубилеи и годишнини ќе се одбележат годинава со поддршка на Министерството за култура, најави министерката Бисера Костадиновска-Стојчевка претставувајќи ги резултатите од Kонкурсот за годишната програма во културата.
Буџетот за поддршка на проекти во културата за оваа година изнесува 12,5 милиони евра.
Костадиновска-Стојчевска кажа дека соодветните комисии поддржаа квалитетни проекти во пресрет на 60-годишнината од катастрофалниот земјотрес во Скопје, Година на Ацо Шопов, 120 години од Илинденското востание, 120 години од објавувањето на книгата „За македонцките работи“ од Крсте Мисирков и 70 години од основањето на Институтот за македонски јазик кој го носи неговото име.
Ќе се одбележат и 115 години од раѓањето и 80 години од загинувањето на Кочо Рацин. Сто и дваесет години од раѓањето и 50 години од смртта на Никола Мартиноски. Исто така, поддршка добија и јубилеите 75 години на сцената на КУД „Емин Дураку“ и на КУД „Јени Јол“.
Аплицирањето за Годишните конкурси за финансирање проекти, како што рече министерката за култура, за првпат се спроведе на националниот портал за е-услуги и за првпат решенијата за прифатени, одбиени и отфрлени проекти ќе бидат електронски испратени на профилот на корисниците.
„Во електронскиот систем се евидентирани 3.355 релевантни пријави. Поради нецелосна документација, во согласност со општите услови од конкурсите, административно се отфрлени 332 пријави“, кажа Костадиновска-Стојчевска.
Таа додаде дека и во самите извештаи на комисиите е потенцирано оти со целосното аплицирање на електронски начин, значително се зголемила ефикасноста на работата при административната селекција на проектите.
Б. НЕСТОРОСКА