Обвинети во два од петте предмети за висока корупција и за организирање на нападот на Собранието, кои одамна се стигнати на решавање во Апелациониот суд Скопје, се на списокот на аболицијата на Ѓорге Иванов, што ја даде во јуни 2016 година и набрзо потоа ја повлече. Каква одлука за помилувањата на Иванов ќе донесе Европскиот суд за човекови права и слободи во Стразбур, ќе се знае во четврток.
Тоа се предметите „Тортура“ каде Сашо Мијалков и група припадници на полициските „алфи“ се обвинет за нечовечно постапување при апсењето на Љубе Бошкоски, и предметот „ТНТ“, со едни од најгрозните разговори од прислушуваните разговори. „ТНТ“ е предмет за одмаздничкото уривање по наредба на Никола Груевски на комплексот „Космос“ на Фијат Цаноски, зашто му ја откажал коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Во Апелациониот суд Скопје долго време е предметот за организаторите на нападот и за кршењето на Собранието, претепувањето на пратеници, на новинари, на собраниското обезбедување. Седницата е одржана уште во октомври, одлука сè уште нема.
Исто така, јавната седница за „Тортура“ била одржана уште на 18 октомври лани, но и за овој предмет одлука се уште нема. Предметот е кај судијата Ѓоко Ристов од Апелациониот суд Скопје, судија-известител. Во „Тортура“ се жали Обвинителството, бидејќи судијката Александра Ристеска од Основниот кривичен суд Скопје, ги ослободи Мијалков и „алфите“ од вина.
За „ТНТ“ јавна седница е закажана за 20 март 2023 година. Судија-известител е Енвер Беџети, познат по тоа што со месеци го држеше во фиока предметот „Тврдина-таргет“ на Мијалков, придонесувајќи да застари кривичното гонење против него. Судијата Огнен Ставрев во мај изрече пресуда според која Никола Груевски во отсуство беше осуден на 9 години затвор, Миле Јанакиески на три, а четири години доби бившиот градоначалник на Гази Баба Тони Трајковски.
Други два актуелни случаи за корупција и перење пари се „Плацеви на Водно“ и „Талир 2“, за кои сè уште нема закажано јавна расправа во Апелациониот суд Скопје.
На 21 април лани, судијата Иле Трпков од Основниот кривичен суд на Груевски му изрече пресуда од 7 години затвор, една година и три месеци за Мијалков и една година за Орце Камчев.
На 8 јуни 2022 година, пак, беше донесена пресудата од 6 години затвор за Груевски, од страна на судијката во Основниот кривичен суд Скопје Даниела Алексовска-Стојановска, за криминалната градба на седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, преку АД „Бетон“.
Други предмети од висока корупција во моментов нема во Апелациониот суд Скопје, а нема ни во Основниот кривичен суд, освен старите од СЈО, и предметите против Драги Рашковски и Мухамед Зеќири. На судењето против поранешниот член на Судскиот совет Зоран Теофилоски едвај му тргна, по цела година одлагање на почетокот.
Нови предмети за организиран криминал и корупција нема, зашто обвинителството гони само шверцери на дрога и мигранти.
Под притисок на јавноста, Судскиот совет во декември лани влезе во Апелациониот суд Скопје и утврди дека судиите Енвер Беџети и Лирије Елези незаконски ги држеле нерешени предметите „Тврдина-таргет“, „Трезор“ и „Транспортер“ со месеци, па и над две години, со цел да ги застарат.
Иако вети одговорност, Судскиот совет досега нема преземено нешто ни за судиите, ни за одговорната колешка од Советот за Скопска апелација, Тања Чачарова- Илиевска.
С. К. ДЕЛЕВСКА