Околу 150 вработени од Градската општа болница (ГОБ) „8 Септември“ денеска протестираа пред болницата, револтирани оти десет дена им доцни платата за јануари, поради хакерскиот напад на системот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ). Рената Ѓаконовиќ од Независниот синдикат, кој е член на Конфедерацијата на слободни синдикати, рече дека денеска излегуваат на мирен протест во време на нивната пауза и покрај известувањето од управата на Болницата дека не се официјален репрезентативен синдикат.
„Поради ваквиот однос кон медицинскиот персонал ни се случува одлив во странство“, рече Ѓаконовиќ.
Марјан Ристески од Конфедерацијата кажа дека денеска протестираа и дел од вработените во Геријатрија, како и во болниците во Охрид, Неготино и други градови, и дека ако нема плата денес, се разговара за порадикални чекори како штрајк и бојкот.
„Владата се занимава со сама себе, со министри нови, а сите знаеме овие луѓе какви напори дадоа во ковид кризата. И да има плата денес, тоа не е конечно решение и затоа бараме со месеци средба со премиерот“, рече Ристески.
Фондот за здравство во последното соопштение додека траеше протестот вели дека експертите ги финализираат процесите и функционалностите во ФЗО и со тоа започна исплата на боледувањата, породилното отсуство и разни рефундации.
Оттаму тврдат дека речиси сите модули се ставени во функција.
„Се очекува осигурениците етапно да ги добиваат средствата на своите сметки во текот на утрешниот ден и во среда. Тоа значи дека веднаш ќе започне исплатата на боледувањата кои биле внесени до 05.02.2023 година. Податоците за боледувањата кои се доставени после овој датум ќе започнат да се внесуваат во подрачните служби за и тие да влезат во системот за редовна исплата“, стои во соопштението.
Б. НЕСТОРОСКА