Децата од градинките во Велес добија компостери, со кои остатоците од храната ќе може да се преработат во храна за земјата и растенијата. Преку забава и игра на децата ќе им се укаже дека сметот може да биде корисен. Околу 1.200 деца од сите шест клона на градинките во Велес ќе имаат можност да ги користат компостерите.
„Ова е начин како да стигнеме до нула отпадно ѓубриво, на оригинален и уникатен начин. Тоа е преку компостерите, најнови модели и технологија, коишто досега не се донесени во Македонија. Оригинален затоа што корисниците се најмладите – децата од градинката. Сонот за остварување нула органски отпад почнува да се остварува. Се надевам дека ова ќе биде успешен почеток за сите кои ќе сакаат да го прифатат ваквиот начин на работа, а компостерите ќе бидат дел од повеќе институции во земјава.
Сакаме да прерасне, не во регионален туку национален проект“, кажа Сашка Коцевска од еколошкото друштво „Вила Зора кое го реализираше проектот „Селектирај – компостирај“ во Велес.
Проектот е финансиран од УНДП со 80 отсто и 20 отсто од Општина Велес, а вредноста е 1,8 милиони денари.
„Ние сме посветени на децата, младите и подобрување на нивниот живот. Ова е успешна приказна за најмладите во општината, за нивната едукација“, рече Армен Григоријан, постојан претставник на УНДП во Македонија.
Десетте компостери се поставени во сите шест објекти-клонови на градинката во Велес.
„Досега работевме со децата за собирање, рециклирање, преработување на различни видови отпад пластика, хартија, отпадни батерии. Целта е остатоците од храната умно да се искористат, истите повторно да станат храна за земјата и растенијата, со цел да ја сочуваме животната средина“, рече директорката на градинките во Велес Маја Велиновска.
П. ПЕЧКОВ