ПОЧИНА ВЕЈН ШОРТЕР, ЕДЕН ОД НАЈГОЛЕМИТЕ ЏЕЗ САКСОФОНИСТИ

    ПОЧИНА ВЕЈН ШОРТЕР, ЕДЕН ОД НАЈГОЛЕМИТЕ ЏЕЗ САКСОФОНИСТИШортер беше централната фигура во три од најголемите џез групи на 20. век (Фото: Редфернс)

    Вејн Шортер, еден од најголемите американски џез саксофонисти, почина на 89 години во болница во Лос Анџелес, потврди неговиот публицист.

    Шортер беше централната фигура во три од најголемите џез групи на 20. век: „Џез месинџерс“, втората верзија на квинтетот на Мајлс Дејвис и „Ведер рипорт“. Тој исто така имаше долго и плодно партнерство со кантавторката Џони Мичел, појавувајќи се на десет нејзини албуми, а соработуваше и со рок музичарите Карлос Сантана и Стили Дин. Освои 11 Греми награди, а беше награден и за животно дело.

    Роден во Њуарк во 1933, Шортер почнал да свири кларинет на 15 години, а потоа се фокусираше на тенор и сопран саксофон.

    Во 1958 стана член на „Џез месинџерс“, за која напиша бројни композиции, а потоа, по неколку обиди, конечно беше ангажиран од Мајлс Дејвис во 1964. Квинетот кој уште го сочинуваа Херби Хенкок, Рон Картер и Тони Вилијамс сними неколку силно авантуристички албуми, пред да се растури во 1969.

    Од 1959, Шортер снимаше и соло албуми, а во 1970 ја формираше успешната фјужн група „Ведер рипорт“, која опстана 16 години, по што се префрли на помелодично свирење. Покрај Мичел, продолжи редовно да соработува и со Хенкок.

    Во 2011, Шортер настапи на 30. издание на Скопскиот џез фестивал.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира