Од 800 до 10.000 евра се казните за фирмите кои од 16 март нема да ги намалат цените на млечните производи и тестенините. Од Државниот пазарен инспекторат велат дека од четврток кога стапуваат на сила одлуките на Владата, инспекторите веднаш ќе излезат на терен и ќе постапуваат.
„Пазарниот инспекторат е постојано на терен со сите свои расположливи ресурси и ќе продолжи да врши надзори во согласност со законските надлежности, но и ќе постапува по одлуките на Владата. Во случај да се утврди прекршување на одлуките ќе следат казни кои произлегуваат од Законот за трговија. Казните се високи и изнесуваат од 800 до 10.000 евра, во зависност од големината и видот на економскиот оператор. Затоа апелираме да се почитуваат одлуките, а ние како институција постојано сме на терен, постапуваме во согласност со нашите надлежности“, велат од Пазарната инспекција.
Владата на последната седница донесе одлука за замрзнување на цените со што млечните производи ќе поевтинат за 10 отсто, а тестенините за 15. Со одлуката се опфатени макарони и шпагети, трајно кравјо млеко со масленост од 2,8%, 3,2% и 3,5%, урда, кравјo бело сирење и мешано бело сирење, кравји кашкавал (со исклучок на кравји кашкавал без додатоци и пармезан),кисело млеко, павлака и јогурт. Највисоките цени на наведените производи се утврдуваат на нивото на цените кои се применувале на 1 март 2023 година и на таа цена ќе треба да следи намалување за 10 односно 15 отсто.
Оваа е втора мерка на Владата за замрзнување на цени откако на 1 март на 33 денари беше замрзната цената на белиот и полубелиот леб. По стапување на сила на одлуката три дена во маркетите и продавниците немаше бел леб бидејќи производителите одбија да испорачуваат. Откако од Владата најавија казни за сите кои не ја почитуваат замрзнатата цена, пекарите и производителите почнаа да испорачуваат леб по 33 денари, но најавија дека ја тужат државата за нанесена штета.
А. АНТЕВСКА