Академик Влада Урошевиќ за романот „Вистинита но не многу веројатна историја за семејството Пустополски за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“, со поднаслов „Старовремски роман“ ја доби престижната книжевна награда Роман на годината за 2022. Наградата ја доделува Фондацијата „Славко Јаневски“, а денеска ја соопшти минатогодишната лауретка Симона Јованоска.
Академик Урошевиќ е еден од најпознатите македонски книжевни и културни дејци. Романот го издаде „Арс ламина“.
„Оваа награда се доделува по 24. пат и можам да кажам дека ги следев сите доделувања и ги прочитав повеќето од наградените романи. Сметам дека досега имаше многубројни извонредни творци и на особено и исклучителни дела и затоа ми прави големо задоволство што ми е и мене доделена. Уште поголемо задоволство е фактот што иницијатор за оваа награда е Фондацијата ‘Славко Јаневски’ , нашиот прв романсиер го сметам за извонредно значаен автор, близок до мене. Во текот на годините, Славко и јас бевме во мошне динамични односи, од жестоки караници до големо искрено пријателство. Го имам неговиот лик меѓу најубавите спомени“, рече Урошевиќ.
Лауретот додаде дека го пишувал романот две и пол години, и дека го пишувал со големи напори да го одржи темпото на пишувањето, да не застане, оти тоа е најопасно во творењето и дека треба да се биде упорен и доследен до крајот.
Ѕвездан Георгиевски од Фондацијата „Славко Јаневски“. (Фото: К. Попов)
„Пред сè, ова не е роман со теза, тука сакав да раскажам една приказна, на колку што можев подобар начин. И тоа ми беше целта“, рече Урошевиќ.
Б. НЕСТОРОСКА