Проблематичниот банкарски гигант „Кредит Свис“ ќе позајми 50 милијарди франци (54 милијарди долари) од централната швајцарска банка со цел да ги среди своите финансии. Од банката кажаа дека преземаат решавачки активности за да ја засилат својата ликвидност.
Вредноста на акциите на „Кредит Свис“ вчера падна за 24%, откако била пронајдена „слабост“ во нејзиниот финансиски извештај.
„Мојот тим и јас сме решени да напредуваме брзо за да обезбедиме поедноставна и пофокусирана банка, изградена околу потребите на клиентите“, изјави извршниот директор на „Кредит Свис“, Улрих Кернер.
Проблемите во банкарскиот сектор почнаа минатата недела во САД со пропаѓањето на банката „Силикон Вели“, која дотогаш беше 16. најголема банка во земјата, а потоа пропадна уште една банка. Грижите се проширија и на финансиските пазари, при што сите големи индекси нагло паднаа. Денеска беше забележан пад и на берзите во Јапонија, Хонгконг, Сиднеј и Шангај. Сепак, се очекува европските пазари денеска да бидат во подобра состојба.
Националната банка на Швајцарија (СНБ) тврди дека „Кредит Свис“ ги има потребните пари, но додаде дека е подготвена да реагира и помогне ако биде потребно.
„Нема назнаки дека постои ризик од зараза на швајцарските институции поради тековните превирања на американскиот банкарски пазар“, соопшти СНБ.
„Кредит Свис“ е основана во 1856 и во последните години се соочи со низа скандали, вклучувајќи перење пари.