Француската влада тесно го преживеа гласањето за доверба во парламентот, што уследи по контроверзното усвојување на пензиските реформи минатата недела. За недоверба на владата на Елизабет Борн гласаа 278 пратеници, девет помалку од потребните 287.
Доколку беше успешно, претседателот Емануел Макрон ќе мораше да именува нова влада или да распише избори.
Не помина ни второто гласање за доверба, што го побара крајнодесничарската партија Национален марш на Марин Ле Пен, но на првото и онака му се даваа поголеми шанси зашто беше поддржано од Зелената партија и Социјалистите.
Политичката криза во Франција уследи откако владата ги усвои пензиските реформи, повикувајќи се на член во уставот што ѝ овозможува да го заобиколи гласањето во парламентот. Според измените, старосната граница за одење во пензија се зголемува од 62 на 64 години, што ќе стане закон по денешниот неуспешен обид да се собори владата.
Сојузниците на Макрон се малцинство во долниот дом на парламентот и за успешно гласање за недоверба на владата беше потребно сите опозициски партии да се обединат. Сепак, Републиканците, кои имаат 61 пратеник, претходно кажаа дека нема да го поддржат.