ПЕДИЈАТРИТЕ И ИНФЕКТОЛОЗИТЕ ВНИМАТЕЛНО ДА ГИ СЛЕДАТ ОСИПИТЕ, ВЕЛИ КОМИСИЈАТА ЗА ЗАРАЗНИ БОЛЕСТИ OTKAKO ЕДНО БЕБЕ ЗАБОЛЕ ОД МОРБИЛИ

    ПЕДИЈАТРИТЕ И ИНФЕКТОЛОЗИТЕ ВНИМАТЕЛНО ДА ГИ СЛЕДАТ ОСИПИТЕ, ВЕЛИ КОМИСИЈАТА ЗА ЗАРАЗНИ БОЛЕСТИ OTKAKO ЕДНО БЕБЕ ЗАБОЛЕ ОД МОРБИЛИЗдравствените власти постојано апелираат дека е многу низок опфатот МРП вакцината. (Фото: Архива на СДК.МК)

    Матичните педијатри и инфектолозите да бидат повнимателни во следењето на осипите на децата и да ги пријавуват до надлежните центри за јавно здравје, рече денеска д-р Злате Мехмедовиќ, портпарол на Комисијата за заразни болести. Комисијата заседавеше откако, како што рече тој, после 2019 за првпат се појави случај на морбили кај 13-месечно бебе во Свети Николе, кое лежеше на Инфективното одделение во Клиничката болница во Штип и е веќе пуштено на домашно лекување во добра општа состојба.

    Детето пред 13 дена било на преглед на Очната клиника во Скопје и на Институтот за микробиологија и во тек се епидемиолошки анализи да се види дали има ризик за појава на нови случаи.

    Донесени се, рече др Мехмедовиќ, повеќе препораки за адаптација на системот и следењето и менаџирањето на случаите со морбили кои би можеле да се очекуваат во нашата земја во иднина.

    „Прво е да се засили епидемиолошкиот надзор врз сите осипни трески, затоа што така ќе можеме побрзо да го ублажиме процесот на ширење на новодетектираните случаи. Второ е да се подигне свесноста помеѓу здравствените работници и популацијата за постоењето на морбили. Третото е педијатрите да ги испраќаат суспектните случаи до специјалисти, а сите материјали треба да се испраќаат до лабораторијата на Институтот за јавно здравје за дефинитивна дијагноза. Треба да се напрaви преглед во документацијата на сите оние деца кои не се вакцинирани или не се комплетно вакицнирани со цел да се покријат тие дупки во системот кои може да бидат причина за појава на нови случаи. Да се засили процесот на едукација на населението за важноста на МРП вакцината затоа што претставува најефискаен начин за ублажување на последиците од морбили“, кажа д-р Мехмедовиќ.

    Според Календарот за имунизација, МРП вакцината се дава на 13 месеци и од 2019 е задолжителна при прием во градинка. Здравствените власти постојано апелираат дека е многу низок опфатот со оваа вакцина.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира