Пропаднаа неколку иницијативи Медицинското училиште во Штип да го носи името на Славјанка Влахчева, „првото македонско девојче во бело“, како што ја викаат првата школувана медицинска сестра во Македонија. Место тоа, Музејот во Штип најави дека во неговото историско одделение ќе отвори посебна меморијална витрина за штипјанката Влахчева.
„Во нашето депо грижливо ги чуваме сите предмети, пишувани материјали и разни фотографии од првата медицинска сестра во Македонија што ги добивме од нејзиното семејство и разработивме проект за отворање на меморијално катче за македонската Флоренс Најтингејл“, вели кустосот Емилија Коруновска.
Според неа, се работи за лични предмети, оригинални фотографии од младоста, школувањето и од нејзината работа во маларичната болница во Штип и во Заводот за туберкулоза во Скопје, плакети, ордени и други одликувања, меѓу кои и највисокото меѓународно признание „Флоренс Најтингејл“.
Славјанка Влахчева е родена во 1900 во Штип. Била меѓу првите школувани медицински сестри на Балканот. По школувањето во Белград се вратила во Штип, каде што поради брзото ширење на маларијата, го формирала првиот маларичен стационар и се борела за искоренување на болеста. Во исто време ја формирала и првата патронажна служба и го спровела бесеже вакцинирањето.
По преселбата во Скопје станала главна сестра во антитуберкулозниот центар и максимално се посветила во искоренувањето на болеста во селото Љубанци. Подоцна иницирала основање на училиште за медицински сестри во Скопје и станала негова прва директорка. Развила програма за вакви училишта и во останатите поголеми градови во Македонија, меѓу кои и во Штип, каде што и денес работи Регионалното средно медицинско училиште. Почина во 1988.
Преименувањето на Средното медицинско училиште во Штип, кое денес се вика „Јане Сандански“, го поддржуваат и медицинските сестри во градот.
Ова училиште почна со работа во 1956, прво како двегодишно школо за акушерки, а наредната година било одобрено да прерасне во училиште за медицински сестри. Неколку години подоцна училиштето го доби името „Вељко Влаховиќ“, а при распадот на Југославија стана „Јане Сандански“.
„Кога се јавија првите знаци на осамостојување на Македонија, во инает на тогашната сојузна власт дадовме иницијатива училиштето да добие патриотско македонско име и инсистиравме тоа да биде Јане Сандански“, вели поранешниот директор на училиштето, Ристе Петковски, додавајќи дека во тоа време немало предлог и опција за името на првата медицинска сестра во Македонија.
Таков предлог до денес нема ниту од училиштето, но општинарите најавуваат дека по повод 35 години од смртта на Влахчева ќе се разгледа можноста една улица во Штип да го носи нејзиното име.
Т. ЈОВАНОВСКИ