ШТО БИ НАТУРАЛА ЕКСПЕРТСКА ГРУПА БЕЗ ПОЛИТИЧКИ КОНСЕНЗУС ЗА УСТАВНИ ИЗМЕНИ, ПРАШУВА КАМБОВСКИ, ЗА КОГО ОВА Е РАБОТА НА СОБРАНИСКАТА КОМИСИЈА ЗА УСТАВНИ ПРАШАЊА

    ШТО БИ НАТУРАЛА ЕКСПЕРТСКА ГРУПА БЕЗ ПОЛИТИЧКИ КОНСЕНЗУС ЗА УСТАВНИ ИЗМЕНИ, ПРАШУВА КАМБОВСКИ, ЗА КОГО ОВА Е РАБОТА НА СОБРАНИСКАТА КОМИСИЈА ЗА УСТАВНИ ПРАШАЊАКамбовски за САКАМДАКАЖАМ.МК во продолжение вели дека промената на Уставот не е шега за која попатно ќе измислите варијанта како да се изведе, туку е строго пропишана постапка. (Фото: СДК.МК)

    Академик Владо Камбовски, чие име се лицитираше деновиве дека е во групата експерти од каде ќе почнат предлозите за измените на Уставот поврзани со пристапните преговори со ЕУ, вели дека никој не му се јавил да го праша за такво нешто и ја спори целата идеја како поставена сосема наопаку.

    „Јас не знам што би работела таа експертска група. Ќе расправа и ќе испраќа предлози. До кого? Целата работа е наопаку поставена. За уставни измени треба првин да има политички консензус, согласност од парламентарните партии дека треба да се случат, во ситуацијава, за внесување на нови заедници во Преамбулата. Откако ќе се изгласа тој консензус, претседателот ја свикува Собраниската комисија за уставни прашања и таа почнува да заседава и да работи. Таму треба да стигнуваат предлозите. Ако на членовите на Комисијата им е потребна помош, тогаш тие одлучуваат да повикаат експерти“, го кажува Камбовски редот на нештата, односно како се менува Устав.

    Тој за САКАМДАКАЖАМ.МК во продолжение вели дека промената на Уставот не е шега за која попатно ќе измислите варијанта како да се изведе, туку е строго пропишана постапка.

    Вон оваа постапка, и да се формира експертска група вели Камбовски, без консензус на Собранието за уставни измени за внесување на Бугарите, Хрватите и Црногорците во Преамбулата, сите предлози ќе изгорат.

    Претседателот на Комисијата за уставни прашања Талат Џафери, потоа пратениците Арта Биљали-Зендели, Гордана Сиљаноска-Давкова, Павле Трајанов, Сафије Садики-Шаини, Моника Зајкова, Мартин Костовски, Емилија Рамбабова, Снежана Калеска-Ванчева, Илија Николовски, Даниела Маркоска, Марија Ангелова, Антонијо Милошоски, Јован Јаулески, Лидија Петкоска и други членови и заменици, вкупно 33.

    Рокот за пријавување на членови на експертската група во најава, истекува за два дена. ВМРО-ДПМНЕ нема да пријави членови.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира