Вработените во „Тесла“ неколку години преку интерните канали за комуникација споделувале видеа и фотографии снимени со камерите во автомобилите на муштериите, објави „Ројтерс“. Некои од снимките, направени меѓу 2019 и 2022, ги фатиле сопствениците на „тесла“ во непријатни ситуации.
Едно видео прикажува маж кој целосно гол се доближува до својот автомобил, а снимени се и судири и други сообраќајни инциденти. Така видео од 2021 прикажува судир на „тесла“ со дете на велосипед во станбена населба.
„Детето лета на една, велосипедот на друга страна. Видеото се прошири низ нашите канцеларии во Сан Матео во Калифорнија како шумски пожар“, вели еден поранешен вработен.
Во своето известување за приватност на клиентите, „Тесла“ нагласува дека снимките од камерите остануваат анонимни и не се поврзуваат со конкретно возило. Сепак, седуммина поранешни вработени кажаа дека компјутерската програма што ја користеле на работа може да ја покаже локацијата на снимката, а со тоа и каде можеби живее сопственикот на возилото.
„Ројтерс“ кажа дека не успеал да види ниедна од снимките што се споделувале, зашто некогашните вработени не ги зачувале.
„Некои од споделуваните содржини наликуваа на мемиња од интернет, како кучиња, интересни автомобили и клипови од луѓе кои се сопнуваат и паѓаат. Имаше и вознемирувачки содржини“, изјави еден бивш вработен со кого разговараше „Ројтерс“.