КРИВИЧНО ДЕЛО Е УНИШТУВАЊЕ И ПРИКРИВАЊЕ НА КУЛТУРНО НАСЛЕДСТВО, АРХЕОЛОЗИТЕ БАРААТ ДА СЕ ПОВЛЕЧЕ ПРЕДЛОГ-ЗАКОНОТ СО КОЈ НАДЗОРОТ ЌЕ ОДЛУЧУВА ШТО Е АРХЕОЛОШКО НАОЃАЛИШТЕ ПРИ ИЗГРАДБАТА НА АВТОПАТИТЕ

    КРИВИЧНО ДЕЛО Е УНИШТУВАЊЕ И ПРИКРИВАЊЕ НА КУЛТУРНО НАСЛЕДСТВО, АРХЕОЛОЗИТЕ БАРААТ ДА СЕ ПОВЛЕЧЕ ПРЕДЛОГ-ЗАКОНОТ СО КОЈ НАДЗОРОТ ЌЕ ОДЛУЧУВА ШТО Е АРХЕОЛОШКО НАОЃАЛИШТЕ ПРИ ИЗГРАДБАТА НА АВТОПАТИТЕАрхеолозите апелираа до пратениците дека не смеат да дозволат надзорен инженер, кој нема никакви познавања, грам образование, искуство, и уште помалку надлежности од областа на заштитата на културното наследство да решава што е културно наследство. (Фото: К. Попов)

    Дали сте свесни колку закони и меѓународни конвенции кои се ратификувани во Македонија ќе прекршите ако ги донесете измените на Законот за заштита на културното наследство, заради изградба на автопатите од Коридор 8 и Коридор 10д? Ова се дел од прашањата кои денеска археолозите ги поставија до пратениците на собирот пред Собранието. Со уште 8 други закони,  тој е дел од пакетот законски измени со кои треба да се олесни изградбата на автопатите од Коридорот 8 и Коридорот 10, проекти вредни 1,3 милијарди евра што ќе ги гради „Бехтел и Енка“.

    Предлог-законот е поднесен на 3 април од Арбер Адеми и група пратеници од ДУИ, а ставен е на дневен ред на денешната седница, за. Според Предлог-законот, се дополнува членот 65 , согласно кој изведувачот на градежните работи на проекти од државен интерес има обврската да го пријави откритието до надзорниот инженер, наместо до надлежната јавна установа за заштита или до Министерството за внатрешни работи. Предлог- законот ги намалува обврските на изведувачите на градежните работите на проекти од државно значење кои произлегуваат од случајното наоѓање на археолошко наоѓалиште и археолошки предмети.

    Орданче Петров, претседател на Македонското археолошко друштво апелираше до пратениците дека не смеат да дозволат надзорен инженер, кој нема никакви познавања, грам образование, искуство, и уште помалку надлежности од областа на заштитата на културното наследство да решава што е културно наследство.

    „И што понатаму? Со кои правни или оперативни ресурси тој ќе постапува за негова заштита? Или тоа е целта на измената, да се прикрие, заташка и уништи кутурно наследство за да не се соочи реализацијата на проектот со потешкотии поради обврските кои настануваат за изведувачите на работите при наоѓање на археолошко наоѓалиште, односно предмети од археолошко значење.
    Пратеници, отворете ја Археолошката карта и ќе видите дека во регионот каде се предвидени инфраструктурните зафати за Коридорите 8 и 10д веќе постојат регистрирани археолошки локалитети, кои не се случајно откритие. Што со нив? И со нив ли ќе постапува надзорен инженер? Па, Законот за заштита има предвидени одредби за постапување со културното наследство при изведување на инфраструктурни проекти, кои важат за сите, а треба да важат и за овој проект. Дали сте свесни дека делницата Требеништа – Струга – Ќафасан е дел од светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион, под заштита на Унеско? Пратеници, свесно уништување и прикривање на културно наследство е кривично дело, без преседан кога во тоа е вклучено највисокото тело на државата која всушност треба да се грижи за истото“, рече Петров.

     

    Орданче Петров, претседател на Македонското археолошко друштво и Кристина Бицева од ИКОМОС Македонија на денешниот протест пред Собранието. (Фото: К. Попов)

    Петров кажа дека уставноста на овој Закон за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на Коридорите 8 и 10,  од кој потекнуваат овие небулозни измени во Законот за заштита, не без причина е оспорен од Државната комисија за спречување на корупција уште во 2021.

    „Законот е со висок ризик за корупција и судир на интереси и во суштина го суспендира правниот систем во државата, исклучувајќи примена на други закони во целост или делумно. Донесениот закон и примената на одредбите на законот во пракса ќе значи кршење на начелата врз кои се темели борбата против корупцијата и судирот на интереси. Дали Уставниот суд со донесување на одлука за непостапување на иницијативата на антикорупционерите направил ‘превид’ и дозволил еклатантно урнисување на правниот поредок во државава заради нечии профитерски амбиции? На крајот, господа пратеници, дали уништување на културно наследство е нашиот пат пат за ЕУ? “, рече Петров, повикувајќи го претседателот на државата, Министерството за култура, Управата за заштита на културното наследство, институциите од областа на заштитата, МАНУ и универзитетите, претставништвата на меѓународните организации за културно наследство во државава, граѓанските здруженија, дипломатските претставништва, особено американската амбасада во Скопје, да се приклучат кон апелот да се повлечат спорните законски измени пред да биде доцна.

    Кристина Бицева од ИКОМОС Македонија кажа дека Предлог-законот е спротивен на Уставот и на начелата за заштита на културното наследство утврдени во Законот за заштита на културното наследство Уставот (член 56) гарантира посебна заштита на културното наследство, кое и според Законот за заштита на културното наследство (член 5) е темелна вредност на Републиката и истото се заштитува во секакви околности како јавен интерес.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира