Околу 1.200 новозаболени од рак на дојка се регистрирани во текот на минатата година во Македонија, поради тоа што не одат редовно на преглед.
„Ние имаме висока стапка на заболување за разлика од другите земји. Еве, само за споредба со соседните земји како што се Албанија, Косово, тие имаат по 600 дијагностицирани годишно, а нашата бројка е дупло. Главната причина за ваквата состојба се нередовните прегледи, и откривањето на карциномот во подоцнежна фаза кога лекувањето е потешко. Во изминатите години бројката на новозаболени варираше од 900 до 1.200, стагнираше во време на ковид и сега се зголемува затоа што тогаш беа прекинати мамографските прегледи и скринингот. Речиси една третина од заболените завршуваат фатално“, кажа Емануела Додева, претседателка на Здружението за иницијативи за развој во здравството, подобрување на здравствените сервиси и застапување на пациенти – ЕЗРА, кое организираше едукативно предавање во Куманово за превенција и рано откривање на ракот на дојка.
Докторката Мери Пешевска од Универзитетската Клиника за радиотерапија и онкологија во Скопје, вели дека карциномот на дојка е најчест карцином, и се јавува кај секоја осма жена. На секои сто жени има два случаја на пациенти мажи со рак на дојка.
За навремено да се откријат промените на дојките се препорачува секоја жена редовно да прави самопреглед, на 6 месеци ехо, а на една година мамограф и гинеколошките прегледи.
„Бројот на пациенти постојано се зголемува, но добро е што се открива рано и тоа значи дека има повеќе шанси за комплетно излекување. Инаку бројот на пациентки расте и старосната граница постојано се поместува. По студиите беше по 50-тата година, но сега имаме многу млади пациенти дури и околу 20 години“, вели Пешевска.
И официјалната статистика од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) покажала дека лани имало поголем број на млади новозаболени пациенти, односно 168 пациенти се на возраст од 20 до 45-годишна возраст. Причината е што доцна се јавуваат на преглед, проблемот со дијагностиката и немањето на мамографи во јавното здравство.
Поради ваквата алармантна состојба од здружението ЕЗРА побарале од Владата да обезбеди мобилен мамограф, со кој ќе можат да ги посетат сите градови и руралните средини, и да се прегледуваат пациентите кои немаат можност сами да отидат на преглед, а со тоа ќе се намали стапката на заболени и смртност кај пациентите.
„Ни ветија дека оваа година ќе набават мобилниот мамограф, има интерес па ќе видиме. Искрено се надеваме и очекуваме што поскоро ќе почнеме со превентивните прегледи и скрининг на терен“, кажа Додева.
Во земјата постои соодветна терапија, а зависно од стадимот на болеста секој пациент се лекува индивидуално со хемотерапија, радиотерапија или хормонска терапија.
Со кампањата за едукативни предавања на ЕЗРА ќе бидат опфатени 17 градови, а целта е да се озвозможат бесплатни консултации за сите пациенти, кои поминуваат низ лавиринтите на нашиот здравствен систем, бидејќи има големи гужви на онкологија, нема доволно време лекарот да се посвети на секој пациент поединечно.
Од Министерството за здравство дека вложуваат големи напори и активно се заложуваат за намалување на смртноста од карцином на дојка, како и подобрување на здравствена услуга за навремено дијагностицирање, што се имплементира преку Скрининг програмата и новата патека за преглед на дојка.
„Од почетокот на ноември до средина на декември се направени 1.621 мамографија во рамки на скрининг програмата. Од нив 5 жени подлегнале на хируршка интервенција согласно наодите на мамографиите, а 1 од нив поради неконклузивни наоди подлегнала на дополнително испитување- магнетна резонанца за подетален приказ. Овие податоци се во склоп на скрининг програмата, настрана дијагностичките методи кои се прават кај жени со клиничка слика. Скринингот претставува преглед на жени без присутни симптоми на болеста, со цел да се открие ракот на дојката во неговиот претклинички стадиум. Со раното откривање на ракот на дојка се продолжува животот на жената и се намалуваат трошоците за лекување“ велат од Министерството и додаваат:
„Исто така, според кажаното на докторката Пешевска препораки за ехо на дојка на 6 месеци и мамографија на дојка на 1 година се мисли на тие пациентки кои веќе имаат дијагностициран карцином на дојка. Нашите критериуми за скриниг на здрави жени на возраст од 45 до 69 години се согласно стандардите од ЕУ и исто така инциденцата за новодијагностицирани на годишно ниво не се разликува од истата во останатите земји од ЕУ“.
С. НИКОЛИЌ