Писателот Славко Јаневски со неговиот стрип „Киќа и детективи“ е првиот македонски автор кој напишал стрип. Тој бил создаден во 1940, а објавен следната година во српското списание „Микиево царство“. По Втората светска војна, Јаневски го објавил и првиот стрип на македонски јазик, „Еден бункер падна“ на почетокот од 1945, во младинската периодична публикација „Пионер“. Ова се податоците кои стрип истражувачот Александар Стеванов од Штип ги дознал истражувајќи за историјата на македонскиот стрип.
„Ова моја студија за македонскиот стрип ја реализирав за периодот 1937 до денес. Опфатен е периодот и на македонската стриповска праисторија“, вели Стеванов, кој ова го работи последните 10 години.
Јаневски бил автор и на првиот македонски стрип со историска личност како јунак, тоа е „Крале Марко и орелот“, објавен во списанието Стрип книга, исто така во Србија. Според Стеванов, стрип се цртало на почвата на Македонија уште во 14 век, кога е создадена хагиографската икона „Св. Никола со житие“ во црквата „Св. Богородица Перивлепта“ во Охрид, а нешто подоцна и иконата „Житието на Св. Ѓорѓи“ од црквата „Св. Ѓорѓи“ во Струга, која датира од 15 век.
Во 1998 е создаден првиот стрип албум во Македонија „Вара – каменот на љубовта“, македонски одговор на Астерикс и Обеликс, дело на Иван Пешев (текст) и Зоран Танев (цртеж). Авторите кои цртаат стрип во Македонија работеле на различни теми.
„Македонскиот стрип е крајно хетероген. Се забележуваат три основни столбови на творење – историски стрипови, па детските стрипови и политичките стрипови“, вели Стеванов.
Според Стеванов, најпознат македонски стрип е политичкиот и тоа „Пецко“ на Дарко Марковиќ. За жал, вели тој, интересот на младите за стрипот како уметност и како култура е многу слаб.
П. ПЕЧКОВ