ДЕНОТ НА ЏЕЗОТ В НЕДЕЛА ЌЕ СЕ СЛАВИ СО ЦЕЛОДНЕВЕН ХЕПЕНИНГ ВО СКОПСКИОТ ПАРК ИБНИ ПАЈКО

    ДЕНОТ НА ЏЕЗОТ В НЕДЕЛА ЌЕ СЕ СЛАВИ СО ЦЕЛОДНЕВЕН ХЕПЕНИНГ ВО СКОПСКИОТ ПАРК ИБНИ ПАЈКОЏез хепенингот лани за првпат се одржа во паркот Ибни Пајко. (Фото: Здружение на џез музичари)

    Седмото издание на фестивалот „Денес сѐе џез“ ( Today It’s All About Jazz) ќе се одржи в недела, 30 април, во 13 часот во паркот Ибни Пајко. Станува збор за целодневен џез хепенинг во чест на Меѓународниот ден на џезот, што го организира Здружението за џез музичари и слободни уметници (ЗЏМ).

    Програмата, како што рече на денешната прес-конференција Марина Туфекчиевска од ЗЏМ, ќе почне со креативна џез работилница за деца од 4 до 11 години која ќе ја води пијанистот и композитор Гордан Спасовски. Децата – учесници ќе се запознаат со основите на џезот, со музичките инструменти (ритам секција: пијано, бас, тапани, гитара, солистички инструменти), но и ќе бидат дел од процесот на создавање џез музичка композиција која на крајот ќе биде изведена пред публика.

    По работилницата следува настап на младински џез состав во кој членуваат Петар Марков – Маруш (гитара), Давид Ѓоргиев (тапани) и Симеон Будро (бас). На хепенингот ќе настапат и Филип Динев Трио (Динев, Тилман Обербек и Јан Цамец), квартет „Акварела“, Никола Бочваров Квартет, Биг бендот на ЗЏМ со проект „Запа“, Јуре Пукл Орган трио и  Адедеџи „Јорува Одисеја“

    „Биг бендот ќе го изведе проектот ‘Запа – неповторливиот Френк Запа’.  Публиката ќе ги слушне композициите на еден од најиновативните и стилски најразновидните музичари на 20. век во Биг бенд изведба“, рече Туфекчиевска.

    Организаторите велат дека во случај на неповолни временски услови, локацијата останува иста, сцената ќе биде покриена, а ќе бидат поставени големи шатори за публиката.

    Меѓународниот ден на џезот се слави од 2011, а идејата за негово одбележување потекнува од џез-пијанистот и амбасадор на добра волја на УНЕСКО, Херби Хенкок.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира